РСБСП: Родителите да ги информираат децата за основните правила и прописи во сообраќајот

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата денеска започна кампања преку која апелираат до родителите да ги запознаат децата со основните правила и прописи во сообраќајот и со опасностите што секојдневно ги демнат.

-Сообраќајната некултура и незнаењето во сообраќајот чини загубени човечки животи. Секој родител или старател има обврска да го информира и да го запознае детето со тоа каде треба да се движи и како безбедно да ја помине улицата или крстосницата, како безбедно да користи јавен превоз, кој е најбезбедниот пат од дома до училиште и обратно, се дел од препораките на РСБСП.

Советот апелира, родителите да не дозволуваат деца на возраст до 12 години да седат на предното совозачко седиште, а деца до 10 годишна возраст, пак, да не возат велосипед на јавен пат или на улица.

-Оние родители кои имаат повозрасни деца кои се подготвуваат да станат возачи, наместо да се грижат за тоа како нивните деца ќе положат возачки испит, многу подобро е да се грижат за тоа како нивните деца да станат одговорни и безбедни возачи, велат од РСБСП и препорачуваат секој родител чие дете полага за возачки испит да разговара со своето дете и да му укаже на одговорноста и последиците со кои може да се соочи или да ги предизвика доколку не ги почитува правилата и прописите во сообраќајот.