Режисерите на „Медена земја“ подготвуваат нови филмови

Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, македонските режисери на документарниот филм со двојна номинација за Оскар „Медена земја“, се подготвуваат за неколку нови проекти, пишува ексклузивно „Варајати“.

Котевска добила финасиска поддршка за својот дебитански игран филм со работен наслов „Човек против јато“. Станува збор за приказна која говори за меѓугенерациски конфликт, односно контрастот на старите вредности и брзото темпо на современиот живот. Филмот ќе го снима во соработка со Стефанов и се надева дека ќе почне со снимањето идната година.

„Човек против јато “ е приказна за еден стар, тврдоглав селанец кој е горд на своите корени и земја, неговата модерна, независна ќерка која се обидува да ја избегне традиционалната улога и еден млад блогер зависен од адреналин кој сака да ги открие своите корени, но, преку низа недоразбирања, создава хаос на патот.

Во моментот Стефанов работи на анимиран проект што говори за климатските промени, со работен наслов „Швајцарско перење“.
„За мене, правењето филмови не е само раскажување различни приказни.Мојата почетна точка е дека има прашања што ме интересираат и што мислам дека знам како да ги преведам тие прашања на јазик што е универзално разбирлив“, изјавил Стефанов за Варајати.