„Реквијем за Пинокио“ вечерва во Концепт 37

Стрип-изложба и проекција на анимираниот филм „Реквијем за Пинокио“ ќе се одржи вечерва во кафе-галерија Концепт 37. Настанот ќе биде со почеток од 20 часот. „Реквјем за Пинокио“ е дело на сараевскиот аниматор, стрип-цртач и режисер Берин Тузлиќ. „Реквијем за Пинокио“ од годинава е влезен во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал. Според авторот: „ Ова дело е молитва за сите возрасни души, кои го чекаат „Судниот ден“, кога ќе застанат пред Рајот со дигнати глави, каде ќе им свети или вечна светлина или ќе паднат во мракот на пеколот. А, во овој филм, тоа ќе им го одредат децата!“.

Анимираниот филм е инспириран од војната која се случи во текот на 90-тите во Босна, а која авторот ја преживеал. Во приказната за Пинокио тој ја забележува сличноста со она што на него му се случувало во младоста. Тузлиќ е роден во Сараево во ’68-ма, од областа на анимацијата се школувал во Франција, Данска, Канада и Хрватска. Досега учествувал на преку 20 меѓународни фестивали, автор е на 50 музички спотови и исто толку стрип албуми. Тој е основач и креативен директор на „Виа Медиа“ која најголема маркетинг агенција во Босна и Херцеговина.