Рекреација, забава, дружење – ова е омиленото место на скопјани

Викенд свратилиште за поголем број скопјани, гордост на градот е планинарскиот дом „Даре Џамбаз“. Тој се наоѓа на врвот на планината Водно на 1060 мнв, или само неколку метри под самиот врв на планината Водно.

Домот почнал да се гради во 1950 година, а е пуштен во употреба 1952 година. Toj е граден од страна на Планинарскиот сојуз на Македонија. Домот е изграден од цврст материјал-камен и вар. Има приземје, кат и подрумски простории. Покриен е со поцинкуван лим.

На приземјето има една релативно голема просторија која може да прими околу 70-100 посетители, една просторија за пресоблекување на посетителите, една просторија во која се чуваат разни материјали потребни за во кујната и една кујна во која се подготвува главно планинарски чај и од која преку шалтер се продаваат сите артикли со кои располага планинарскиот дом.

На катот се наоѓа една просторија во која се сместени околу 25 кревети со можност да се постават и јоги душеци за поголем број на корисници.

Во долниот дел или подрумските простории, има три простории кои се опремени со по 4 кревети, маса и 4 столчиња, греалка, телевизор. Зидовите на просториите се со ламперија под која има стиропор и тервол, а патосот е покриен со даски.

Пред приземјето на домот се наоѓа бетонска плоча со површина повеќе од 300 м2. Делот од плочата кој се наоѓа над просториите кои ги користи планинарскиот спортски клуб Бистра е оплеменет со 24 квалитетно изработени маси со клупи, чадори против сонце и корпи за отпадоци.

Домот има електрично осветлување а е водоснабден само во кујната. Во просториите на приземјето домот има комбинирано парно греење, на струја и дрва. Во домот има едно WC , а во непосредна близина под самиот дом има едно полско WC.

Планинарскиот дом е отворен од петок навечер до недела навечер како и за време на државни и верски празници, како и за време на школски распусти. Исто така домот е отворен и за цело време на летниот период, како и по потреба по претходна најава.

Домот е одалечен од градот 1,45 - 2 часа пешачење. До него може да се пристапи од повеќе пешачки планинарски патеки кои поаѓаат од Скопје и водат кон самиот дом. Патеките се маркирани, и сите водат до самиот врв каде се спојуваат. До домот има асфалтен пат кој завршува до плочата на самиот дом.