Расте бројот на отворени фирми во Македонија

Се зголемува бројот на фирми во Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на активни деловни субјекти на крајот на 2016 година изнесувал 71.519, односно за 1,9% повеќе во однос на претходната година.

Повеќе компании имало во преработувачката индустрија, градежништвото, во стручните, научни и технички дејности. Најголем број фирми се занимаваат со трговија на големо и мало, а и преработувачката индустрија како сектор брои многу деловни субјекти.

79,3% од компаниите во Македонија се фирми со 1 до 9 вработени. Само 0,3% се големи фирми со над 250 вработени.

Државниот завод за статистика објави дека во последниот квартал од минатата  година, стапката на слободни работни места изнесувала 1,32 процента. Стапката на слободни работни места е највисока во секторот „објекти за сместување и сервисни дејности со храна“.

Според последните податоци на Заводот, во фирмите со до 9 вработени (микропретпријатија) има 1.354 слободни работни места, а 88.547 се пополнети. Во малите фирми до 49 вработени има 1.978 слободни работни места, а 106.871 се пополнети. Кај средните компании (од 50 до 249 вработени) има 1.532 слободни работни места и 134.392 пополнети. Кај големите компании, пак, односно кај оние фирми со над 250 вработени, има 1.606 слободни работни места, а 153.219 се пополнети.