Расправија за напасување добиток заврши со убиство во Арачиново, притворен убиецот

Во текот на вчерашниот ден Секторот за внатрешни работи Скопје со кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје го предаде Б.Р. (28) од с. Арачиново, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „убиство“ кое го извршил на 18.08.2019 околу 17.20 часот, во с.Мојанци.

Поради меѓусемејно нетрпение, сторителот со употреба на огнено оружје му нанел тешка телесна повреда на З.А. (30) од с. Арачиново, кој на 09.09.2019 во ЈЗУ УК „Св.Наум Охридски“ – Скопје, починал како последица на нанесената повреда.

На 18.08.2019 околу 16 часот во с.Мојанци, А.А., брат на починатиот З.А., по кратка вербална расправија околу напасувањето на добитокот, физички го нападнал А.З., татко на пријавениот и му нанел тешка телесна повреда. Подоцна, околу 17 часот, на ул.„21“ бр.152 с.Мојанци, Б.Р. кон З.А. испукал неколку куршуми од огнено оружје.

По преземени мерки, Б.Р. е приведен и предаден на ОЈО Скопје, а судија на претходна постапка му одреди мерка притвор.