Пуштен во употреба: Урбан велосипедски полигон за деца во парк „Македонија“ (ГАЛЕРИЈА)

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и генералниот директор за банкарство на мало од Стопанска банка, Милица Чапаровска Јовановска, денеска официјално го пуштија во употреба урбаниот велосипедски полигон за деца во Парк Македонија.

-Денеска го пуштаме во употреба велосипедски полигон за деца во Парк Македонија, кој е донација од Стопанска банка и јас ја користам оваа можност да им се заблагодарам за учеството во овој проект. Идејниот проект за урбаниот велосипедски полигон за деца е од едукативен карактер, односно има за цел децата да ги научат сообраќајните знаци и сообраќајните правила. Велосипедскиот полигон за деца е со површина од 660 кавадратни метри, со должина на патека од 270 метри и урбана опрема: бампери, рампа, паркиралиште за велосипеди, нишалки, лизгалки, дрвена куќарка, површини исополнети со песок, клупи за седење, пикник маси и корпи за отпадоци. Велосипедската патека за деца е во должина од 270 метри и 120 сантиметри ширина, којашто од двете страни има тротоар од по 50 сантиметри за нивните учители, помагатели. Подлогите за возење на патеката се од три различни типови, каде што најдолгиот потег е од лиена гума, на бетонска подлога во широчина 120 сантиметри, со калдрма од двете страни по 50 сантиметри, коишто симболизираат тротоари, вториот потег е калдрма, а третиот потег е од дрво, односно дрвено мовче. Со ваквата комбинација на матријали за подлога ќе се подготват идните велосипедисти за возење на различен терен. Во тревните површини околу паркингот за велосипеди и зоната со нишалки се поставени 12 клупи за седење, 4 сетови од пикник маси и клупи за седење и корпи за отпадоци. Во изградбата на овој едукативен полигон беа користени еколошки материјали. Вредноста на овој проект изнесува 1.234.000 денари. Сакам да ја искористам оваа можност и да ги поканам сите претставници на бизнис секторот да се отворат за сите добри идеи за реализирање проекти коишто ќе придонесат за подобрување на услови за живот во општините, истакна градоначалникот Трајановски.

Милица Чапаровска Јовановска, генералниот директор за банкарство на мало од Стопанска банка изјави дека ова е ретка можност ваков јавен простор да биде оплеменет и трансформиран во катче за рекреација, забава и секако едукација за најмладите. Ја поздравуваме укажаната доверба и поддршка од Град Скопје сите овие месеци и во оваа пригода ни претставува задоволство да го предадеме во владение на Град Скопје и во употреба за сите граѓани. Посебно горди сме на нашиот тим вработени кои во целост го осмислија настанот „Вози право, вози здраво“ успешно го организираа и на крај ја реализираа и оваа донација.

На отворањето на урбаниот велосипедски полигон присуствуваат и деца од околните градинки и училишта кои имаа можност да направат пробно возење по патеката.