П.С. Не заборавајте да му кажете на вашиот татко дека го сакате!

Се разбудив чувствувајќи се слаба, немоќна и незаинтересирана за да го започнам денот. Делумната причина за ова е фактот што речиси и не спиев претходната вечер и не ми се веруваше дека веќе е понеделник. Полека станав од креветот и отидов до тоалетот. Неколку минути се гледав во огледало и потоа ги започнав стандардните утрински ритуали.

На својот сопруг му реков: „Денес се чувствувам различно.“

Дали некогаш ви се случило да знаете дека денот ќе биде чуден уште во истиот момент кога ќе се разбудите? Го имате ли тоа чувство дека нешто лошо ќе се случи? Или дека нешто лошо веќе се случило и само чекате да ги добиете вестите? Ете така се чувствував.

Не доручкував затоа што не бев гладна, а и знаев дека ќе доцнам на работа.

Кога стигнав на работа, се поздравив со сите со насмевка на моето лице, како и секогаш. Но, сепак се чувствував чудно. Не знам како да објаснам, ама едноставно едно ужасно чувство ми го обзема целото тело.

Тогаш и пишав порака на мојата практикантка, да видам како е.

И тогаш, по неколку часа, дојдоа вестите.

Нејзиниот татко починал пред два дена. Таа не сакала да зборува за тоа или да ја прашуваат за тоа, затоа што едноставно не била подготвена да зборува за неговата смрт. Искрено, мислам дека и јас би го рекла истото. Јас би и рекла дека го ценам тоа што ми се јавува, но дека не сакам одново да ја преживувам вечерта кога тој починал. И кога ми рече дека не сака да зборува за тоа, јас и реков дека ја почитувам нејзината одлука.

Кога се враќав дома, плачев во автомобилот.

Плачев за неа. Плачев за чувството дека еден ден и јас ќе го изгубам мојот татко. Плачев затоа што таа никогаш повеќе нема да го гушне, бакне својот татко и нема да му каже дека го сака. Плачев затоа што не ни можев да замислам како се чувствува, на што размислува и како таа ќе продолжи понатаму.

Како човек продолжува кога ќе изгуби сакан човек? Како? Како е возможно да престанеш да мислиш на тоа? Како е возможно да престанеш одново да ја преживуваш таа ноќ или спомените од минатото? Како можеш да го прифатиш тоа?

Тогаш помислив на нејзината мајка.

Тие со години биле заедно. Како да продолжиш без твојот најдобар пријател, партнер, љубовта на твојот живот? Како ќе продолжи понатаму?

Морав да си легнам.

Ова ме погоди многу поради тоа што и јас самата не го гледам татко ми секој ден. Не живееме заедно и верувам дека тоа е она што ме скрши. Синоќа му се јавив на татко ми и му реков дека го сакам. Со солзи во очите, му реков колку ми значи. И со оглед на тоа дека не знам што носи утрото, решив дека никогаш нема да престанувам да го потсетувам татко ми колку го сакам.