Проштенски поклади – Петре М. Андреевски

Денес е голем ден – Прочка! Денес треба сите да си простиме за згрешеното, за кажано, да се покаеме ако некого сме повредиле и навредиле.

Во чест на овој ден, денес на блогот Кафе и книги читаме македонска поезија од Петре М. Андреевски!

Проштенски поклади – Петре М. Андреевски

Денеска секој секому проштава.

Денот ѝ проштава на ноќта,
ноќта – на денот
што ѝ краде од времето.

Земјата му проштава на небото,
небото ѝ проштава на земјата
што се шета низ неговите одаи
и се грее на неговиот оган.

Огнот ѝ проштава на водата,
водата на лошата наречница
што ѝ нарече, што ѝ прорече:
да нема ни лице, ни опачина,
ни своја сенка, ни своја куќа,
да нема кај да запре, да се почине.

Денеска секој секому проштава.

Само јас не можам да им простам
на зборовите што не го кажале
и она што не е за кажување…

 

Извор: Кафе и книги