Пропаѓаат картите за десет возења и слободните билети поради бесплатниот превоз

Јавното сообраќајно претпријатие соопшти дека од технички причини нема да може да им ги рефундира средствата на граѓаните што купиле времено ограничени билети ниту, пак, ќе може да им ја пролонгира нивната важност.

Имено, билетите за 10 возења што чинат 250 денари мора да се искористат за 15 дена. Денеска градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, соопшти дека поради загадувањето на воздухот се воведува бесплатен превоз за сите граѓани како со автобусите на ЈСП, така и со приватните превозници.

Трајановски на прес-конференцијата не соопшти што е со оние билети кои се со ограничен рок на важење, за подоцна ЈСП да излезе со соопштение дека поради технички причини истите нема да може да се пролонгираат.

„ЈСП - Скопје ја информира јавноста дека согласно одлуката на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, почнувајќи од истиот момент на објава на ова соопштение, претпријатието ќе ги превезува граѓаните бесплатно. Напоменуваме дека од системски, т.е. технички причини, ЈСП Скопје нема да може да изврши рефундирање на средствата на веќе набавените времени билети ниту, пак, пролонгирање на нивната важност“, соопшти ЈСП.

Мерката за бесплатен превоз е од времен карактер, важи за сите граѓани и истата ќе биде активна сè до нејзино укинување од страна на градоначалникот.

ЈСП ја информира јавноста дека од моментот на воведување на оваа мерка билетарниците на ЈСП ќе работат само со дежурните служби на следните локации: Зелен пазар, Ѓорче Петров, Бутел пазар и Транспортен центар од 6 до 17 часот.