Пронајдено огнено оружје во тоалет на „Филип Втори"

Министерството за внатрешни работи во својот денешен билтен информираше дека е регистриран инцидент за нарушување на Јавниот ред и мир на стадионот „Филип Втори“ непосредно пред почетокот на плеј-оф мечот за влез во групната фаза на Лига Европа, меѓу Шкендија и Гент.

Имено, лоцирајќи го времето на настанот околу 20 часот, МВР информира дека дел на навивачката група нападнал две лица (И.Ј. од Приштина и М.А. Од Скопје), при што на вториот му одземале чанта во која имало пиштол! Иако не е објаснето како пиштолот успеал да влезе на стадионот, службениците на МВР привеле шестмина навивачи, од кои петмина на возраст меѓу 29 и 39 години и еден малолетник, сите од Тетово. Потоа, пиштолот бил пронајден во казанче од тоалет на стадионот, лоциран на Источната трибина, каде што беше и навивачката група на Шкендија.

Со сите инволвирани бил извршен разговор, по што им биле врачени налози за плаќање глоба поради сторени прекршоци од Законот за спречување насилство и недолично однесување на спортските натпревари. Од соопштението не може да се дознае дали е констатиран прекршок за внесувањето на оружјето и дали имало пропуст од страна на редарите на организаторот кои требале да извршат претрес, поради што останува за овој инцидент да се дознае повеќе од страна на УЕФА.

Шкендија секако ќе се најде пред дисциплинската комисија на европската фудбалска федерација поради инцидентот со навивачот кој на крајот од средбата влета на теренот и го турна гостинскиот голман.