Промовирани книги од иселеници од Македонија

Во организација на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија денеска беа промовирани шест книги од различни автори, кои живеат и творат надвор од нашата држава. 

Промоцијата на книгите е во рамки на надлежноста на Агенцијата за помагање на културниот развој на македонските иселеници. 

Директорот Васил Наумов на денешната промоција, што се одржа во Министерството за надворешни работи, истакна дека заедничко за книгите е што се напишани на македонски јазик и од македонски иселеници. 

-  Агенцијата за иселеништво на Република Македонија прави напори во поттикнувањето на иселениците за чување и негување на македонскиот јазик и македонската култура. Еден од начините е преку нивно поттикнување да пишуваат на македонски јазик, оние кои се талентирани во таа сфера, рече Наумов. Додаде дека за таа цел секоја година издвојуваат финансиски средства или печатат книги од македонските иселеници. 

Беа промовирани: збирките песни „Македонијо, љубов моја“ од Лилјана Стоилковска-Андоновска, „Љубовни сонови“ од Стојан Ѓоргиев и „Поетски белег“ од Соња Таировска-Ѓурчак, книгите „Македонијо, не те забораваме“ од Иван Трпоски и „Круши горници“ од Нове Младеновски, како и монографија за 20 години настава по македонски јазик во Словенија. 

Авторката Лилјана Стоилковска-Андоновска е од Малме, Шведска и информира дека работи за промоција и презентација на Република Македонија, на културното, традиционалното, литературното и уметничкото живеење на Македонија.  „Македонијо, љубов моја“ е нејзина петта книга, посветена на Република Македонија. 

- Македонците во Шведска имаат желба и навика да читаат. Имаме македонско поетско друштво во Шведска, „Деценија“ и во рамки на Македонскиот сојуз се одржува Фестивал на поезијата и денови, каде поетите, Македонци од дијаспората и поетите од другите етнички заедници кои живеат во Шведска, можат да настапат со свои стихови, рече Стоилковска-Андоновска.

Иван Трпоски од Сиднеј, Австралија, досега има објавено 18 книги и 12 збирки песни и патописи. „Македонијо, не те забораваме“ е негова последна книга, подготвувана шест месеци.

- Тоа се записи објавувани во македонски и австралиски гласила. Сакавме да ги заштитиме да не пропаднат и читателите да ги имаат до себе, рече  Трпоски. 

Нове Младеновски е прозен автор, кој живее во Мелбурн. Неговото дело „Круши горници“, како што рече, има автобиографски елементи, но сепак е за Македонија, за нашиот менталитет и култура. Според него, жива е македонската култура и македонскиот јазик и надвор од Македонија.

Авторот Стојан Ѓоргиев, кој веќе 46 години живее во Германија, истакна дека темата на неговата книга „Љубовни сонови“ е љубовта. Планира книгата да ја објави и на германски јазик. Според него, Македонците во Германија читаат книги, доаѓаат на промоции, се интересираат за пишаниот збор. Децата зборуваат на македонски и читаат македонски книги. 

Крсте Димитровски го претствува Сојузот на македонските културни друштва од Словенија, кој веќе скоро две години ја подготвува монографија „20 години дополнителна настава на македонски јазик во Словенија“. 

- Целта на таа настава е да се спречи и забави асимилацијата на децата што се дојдени од Македонија и што се родени во Словенија, од македонско потекло, со тоа што се изучува македонскиот јазик. Во изучувањето, кое трае повеќе од 20 години, учествуваат повеќе институции од двете држави и тоа го сметаме како пример на добра пракса, рече Димитровски. Книгата е објавена на македонски, словенечки и англиски јазик.