Промоција на книгата „Средни години“ од словенечкиот поет Алеш Мустар

Во рамки на „Малиот новогодишен саем на книга“ вечерва ќе биде промовирана книгата „Средни години“ од словенечкиот поет Алеш Мустар, во издание на издавачката куќа „Или-Или“, а во препев од словенечки на Лидија Димковска.

Низ разговор со авторот, како што информираат од „Или-или“, книгата ќе ја претстават Александра Јуруковска и Лидија Димковска.

Алеш Мустар (1968, Љубљана) е поет и преведувач. Дипломирал англиски јазик и книжевност, како и педагогија на Универзитетот во Љубљана, а докторирал од областа на романската драматургија на Универзитетот во Букурешт, Романија. Преведува романска и македонска книжевност на словенечки јазик. Ја објавил поетската збирка „Суд(бин)ско толкување“ (2005), која беше номинирана за најдобра дебитантска поетска збирка, препеана на македонски („Блесок“, 2007) и на англиски („Блат букс“, 2008). Неговата втора поетска збирка „Средни години“ излезе во 2017 г. и беше номинирана за најголемите поетски награди во Словенија: „Јенко“ и „Вероника“, а од страна на критиката беше избрана и за критичко–поетскиот фестивал „Прангер“. Неговите песни се застапени во повеќе антологии, а учествувал на поетски читања и фестивали во САД, Данска, Чешка, Холандија, Романија, Македонија, Хрватска и др. Алеш Мустар се занимава и со алтернативен театар, стои во соопштението.