Промоција на „Европската идеја и Балканските иконографии“ од Нано Ружин

Имаме чест да ве известиме дека на 25.05.2016г. во 12:00 во Кино Култура ќе се промовира новата книга на г-динот Нано Ружин со наслов „Европската идеја и Балканските иконографии“.

Промоцијата ќе се состои од дискусија која ќе биде модерирана од Слободан Унковски. Гости на дискусијата се Ѓорѓи Спасов, Влатко Стефановски и Дејан Дуковски.

Кратка информација за содржината на книгата

Основната карактеристика на книгата „Европската идеја и Балканските иконографии“ е оригиналноста во пристапот, односно толкувањето на општествените процеси низ призмата на иконографијата како културолошки и геополитички феномен. Книгата се бави со анализа на феноменот иконографија како составен дел на идентитетот на секоја група, народ или ентитет, таа спојува и раздвојува и се менува со текот на времето. Иконографијата е автохтона или новостворена, историска или современа, спонтана или проектирана, и често служела на императорите, демагозите и тираните ефикасно да контролираат и создаваат униформен, хомоген ентитет. Митологиите, легендите, традициите јазиците, идентитетите се погодно тло за секоја иконографија. Таа се создава и низ пропагандата но и спонтано низ големите успеси на поединци, уметници, спортисти, научници и е цемент на секоја заедница. Понекогаш иконографијата е и пречка на промените како на пример, националистичката иконографија наспроти европската или космополитската. Балканското поднебје со својата геополитика и историја, на своите народи и наследство претставувало и сеуште претставува погодно тло за формирање и злоупотреба на иконографијата. Овој проект е обид на анализа на промените, употребите и злоупотребите на

иконографијата од страна на тираните и политичарите, идеолозите и пропагандната машинерија на Европа и Балкан, со посебен осврт на СФРЈ.

Кратка биографија на авторот

Нано Ружин е професор, допломат, политиколог, роден во Скопје, а студирал во Белград, Загреб, Париз на Сорбона – Пантеон и на Институтот за Политички науки Сент Гиом. Долгогодишен дипломат, амбасадор на Република Македонија во НАТО (2001-2008), прогласен за Амбасадор на годината во 2007г. од страна на Министерството за надворешни работи на Белгија. Носител е на најголемиот француски орден Витез на Легијата на Честа, од 2012г.