Професорите од скопските гимназии со писмо до Шилегов

Професори од скопските гимназии во отворено писмо до градоначалникот на Скопје Петре Шилегов реагираат на неговата изјава дека нема законска основа за смена на директорите на гимназиите. Тие велат дека за таква основа и зборуваат, за сторени неправди и непочитување на законските обврски на дел од сегашните директори на гимназиите во Скопје.

Писмото на професорите го пренесуваме во целост:

„Изјавата што ја дадовте во врска со реакциите на професорите за актуелната ситуација со раководствата на скопските гимназии, најискрено, нѐ замисли и предизвика многу поделени мислења. Затоа Ве прашуваме: Како да ја толкуваме? Дали како „постројување“ мали деца кои не ја разбираат сложеноста на политичките превирања или како обид за ублажување на нашиот револт со тоа што ни укажувате дека Вие не сте над законите?

Би сакале да веруваме во ова второто, затоа што и ние сакаме владеење на правото во секој сегмент од нашето живеење, па и на нашите работни места. И токму затоа сметаме дека она што го бараме од Вас целосно се поклопува со нашите сфаќања за едно модерно демократско општество. Да, господине Шилегов, токму заради тоа што скопските директори се ставија над законите дојдовме на ова дереџе. Тие грубо ги прекршија сите пишани и непишани закони (слободно истражете ги овие наоди, ќе се згрозите од она што ќе го утврдите како факти) и владееја со училиштата како со свои феуди, не положувајќи сметка никому.

Се надеваме дека сфаќате дека сме на иста страна – ние не бараме линч на директорите, ниту организираме лов на вештерки. Ние бараме правда, а вие како правник знаете дека тоа е највисокиот идеал кон кој тежнее секој слободен човек. Затоа, во име на заедничките идеали, согласно законот, да ја вратиме демократијата и слободната мисла во најбрз можен рок. Секое оддолжување, непреземање мерки е на штета на посакуваните реформи, квалитетот на наставата и меѓучовечките односи во нашите работни средини.

Ние не сме и нема да Ви бидеме непријатели, не нѐ доживувајте како такви, ние сме сопатници на патот кон подобро општество“, велат професорите од скопските гимназии.

Шилегов претходно изјави дека за разрешување на некој од директорите потребно е исполнување на неколку законски услови - истечен мандат, оставка, утврдени неправилности во работата на директорите од страна на државните инспекциски органи и по предлог на училишниот совет. „Засега за ниту еден директор на скопските гимназии немам добиено информација дека еден од овие услови е исполнет. Кога тоа ќе го добиеме, како градската администрација ќе ги преземе соодветните чекори“, изјави Шилегов.