Пробивањето на улицата „Алексo Демниевски“ ќе остане само неостварен сон (фото)

Граѓаните кои живеат на улицата „Алексo Демниевски“ во скопската населбата Ѓорче Петров, нема во скоро време да уживаат во придобивката од продолжување на нивната улица и спојување во булеварот „Македонска војска“. Надлежните од општината велат дека „Алекса Демниевски“ ќе остане ќорсокак, пренесува Нетпрес.

Овој проект е од особено значење за жителите во тој дел од населбата, бидејќи сега, за да се приклучат на главна сообраќајница треба да одат по заобиколен пат и низ тесни и понекогаш непроодни улички.

Иако пробивањето на улицата, предвидено и со Деталниот урбанистички план, е од особена сообраќајна ургентност за неколку илјади граѓаните од овој дел на населбата, засега тоа не е на приоритетната листа на Општината Ѓорче Петров. Пробивањето на улицата би требало да се движи низ приватни земјоделски поседи и да одземе дел од помошното игралиште на стадионот „Ѓорче Петров“, што е веднаш до насипот на реката Вардар.

Од Општината информираат дека за продолжување на улицата „Алексо Демниевски“ прво треба да се изработи проектна документација, а потоа да се пристапи кон реализација на ДУП-от.

До неодамна оваа улица завршуваше како ќорсокак, но општината презеде градежни активности за нејзино средување и проширување и сега завршува со пешачка патека која води директно во основното училиште „Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски“.

Патеката што најчесто ја користат децата, како кратенка до училиштето, досега беше земјен пат, но сепак, многу практичен, бидејќи се избегнува голем заобиколување до предниот влез на училиштето.

Сепак, за поздрав е што општината, ја согледала оваа потреба на граѓаните, и од неодамна почна изградба на соодветна пешачка улица.За да не влегувааат возила, како што е случај досега, зад училиштето ќе бидат поставени препреки.

Пешачката зона ќе се протега од улицата „Ѓуро Салај” до улица „Алексa Демниевски 1”, односно до трафостаницата, како што си беше и претходно. Се’ што се прави е на државно земјиште и во договор со граѓаните. Досега, официјално немаме рекации од граѓани во општината, напротив, тие изразуваат задоволство од зафатот. Очекуваме за околу два месеци на тој дел да биде целосно завршено проширувањето, атмосферската канализација, асфалтирањето и новото улично осветлување, велат од локалната власт.