Природната убавина на нашата татковина - села кои мора да ги посетите

Постојано се восхитуваме на природата ширум светот, а ја забораваме природната убавина на нашата татковина.

Ви ги прикажуваме дел од  села во Македонија, кои се рај за очи и мелем за душа, кои мора да ги посетите, за да дознаете нешто повеќе за нив:

Богомила

До Богомила лесно се стигнува со воз и со автомобил. Патот е пријатен и живописен. Сместување може да се најде во самото село во рамките на некогашниот интернат. 

Од вас зависи кое годишно време ќе изберете за посета. Може да изберете речно капење и да ги испробате пливачките способности во студените води на „Тасески вир“ место веднаш до реката Бабуна. За излет може да изберете некоја од околните ливади со дабови сенки во непосредна близина на селото. Но, Богомила нуди благопријатни услови и за лов и риболов. Но доколку не сте риболовец, но сте гурмански расположени за речна пастрмка на само 7 км од Богомила во атарот на село Нежилово во автентичен амбиент е сместен ресторан и сместувачки капацитети. 

Галичник

Сместено под пазувите на Бистра. Ова е место ве пленува и во зима, и во лето, поради чудесната хармонија меѓу Мавровско езеро и околните планини.

Селото Галичник е светски познато по Галичката свадба која традиционално се одржува секоја година на 12 јули – Петровден. Препознатлива е по единствените, оригинални и неповторливи свадбарски обичаи. На овој ден доаѓаат луѓе од разни краишта на светот да ја проследат оваа необична свадба. Дел од обичаите на Галичката свадба се: одење по невестата, чукање на тапаните, свекрвиното оро, носењето на невестата на вода, канење на мртвите, бричење на зетот, замесување на лебот, венчавање во црква итн. Карактеристично за Галичник се носиите особено женската која е една од најпознатите во Македонија. Се одликува со невообичаено богатство на детали и многу е слична со другите мијачки носии од реканскиот крај. Преовладуваат белата боја (накај жолта) и црвената. Интересен факт за женската носија е тоа што достигнува тежина и до 25 килограми.  Машката носија пак се одликува со бели клашнени облеки со големи црни гајтани. Покрај Галичката Свадба селото нуди и посета на музејот на Ѓорѓија Пулески, црквата Св. Петар и Павле, старата црква Св. Петка, чешмата Упија која се наоѓа во центарот на селото, а прекрасна може да биде и едноставна прошетка низ околните планински пејсажи.

Гари

Бисер на мијачкиот крај.. Недопрена убавина на природата која те тера да се замислиш и да не можеш да решиш во кое годишно време е поубава.. Во ваков планински предел токму како грозд, под планината Стогово е распослано мијачкото село Гари.

Сега е помало од некогаш, но зрачи со историја. Куќи изградени во стар стил, но и модерни. Празно преку зима, преполно веќе од кога ќе се стопат снеговите. За добредојде еден кладенец од кој блика вода, да се знае дека  добредојде од сите гарци најпрвин ти посакува Гарска Река…

Лазарополе

На 1.350 метри надморска височина, на работ од една висорамнина на Бистра, лежи второто по големина малореканско мијачко село и едно од највисоките селски населби во Македонија. Големата височина не му дозволува да има никакво земјоделско производство. Но, затоа има богата и долга историја од втората половина на 15 век.

Долно Дупени

Ќе се изненадите, но токму ова парче земја може да биде најдоброто нешто што ви се случило доколку навистина сакате да избегате од градскиот метеж и да се ослободите од секојдневните грижи и обврски. Виновник за тоа што ќе го пронајдете внатрешниот мир е и едноставноста на тамошниот живот. Верувајте дека ќе заборавите на сите обврски и стресови кои ве чекаат дома, бидејќи сите во Долно Дупени се толку многу опуштени и лабави. Тоа е така најмногу поради тоа што деновите течат на ист начин. Но, не е здодевно! 

Куклица

Најпознатата легенда за ова место вели дека во дамнешно минато, на една свадба во селото Куклица се случила огромна трагедија. Една разочарана и вљубена девојка, била бесна поради тоа што момчето се жени за друга, па ги проколнала. Клетвата ги стигнала на денот на свадбата, кога веселејќи се, сите гости на веселбата, заедно со зетот и невестата, се скамениле. Локалните жители, тврдат дека на секои 5 до 6 години, се појавува по една нова камена кукла.