Преминувајте ги улиците само на пешачки премини, да се заштитите и вас и возачите

Преминувањето надвор од пешачкиот премин е крајно опасно и тоа сериозно може да влијае на безбедноста на пешаците и возачите во сообраќајот.

Во Република Македонија, околу 25% од вкупниот број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди се пешаци. Изразено во апсолутни бројки, во Република Македонија, во просек, годишно од 30 до 35 лица - пешаци го губат животот во сообраќајни незгоди.

Пешаците мора да внимаваат и улицата да се преминува исклучиво на пешачки премин. На крстосница каде што има светлосни сообраќајни знаци кои го регулираат пешачкиот сообраќај, пешакот е должен да ја премине улицата само кога свети зеленото светло за пешаци.

Пешакот не смее да се движи или непотребно да се задржува на коловозот, освен во ситуации предвидени со законот. Доколку пешакот се движи по коловозот (во случај каде што нема тротоари или пешачка патека, или е принуден да се движи по коловозот), тој задолжително треба да се движи што поблиску до работ на коловозот и тоа мошне внимателно и на начин на кој не го попречува или не го спречува сообраќајот на возилата.

Во таков случај, пешаците треба да користат најмногу еден метар широк дел од коловозот, сметано од работ на коловозот.

Пешаците на јавен пат каде што има тротоар или друга површина определена за движење на пешаци, односно површина покрај коловозот погодна за движење на пешаци, пешакот е должен да се движи по тие површини.

Наспроти сите сообраќајни правила и прописи и добри практики голем дел од пешаците се однесуваат крајно неодговорно и на тој начин го загрозуваат сопствениот живот и безбедното одвивање на сообраќајот.

Секојдневните примери покажуваат дека пешаците ја поминуваат улица на црвен пешачки семафор, надвор од пешачки премин без да погледнат лево и десно, се движат помеѓу двете коловозни ленти, го пресекуваат текот на сообраќајот кога и каде ним им одговара, непотребно се задржуваат на коловозот, користат мобилни телефони, слушаат музика и не го следат сообраќајот и случувањата во сообраќајот.