Преку медијација до успешно решавање на деловните спорови

Академијата за судии и јавни обвинители во наредниот период ќе организира обуки за стопанственици, медијатори и судии со цел побрзо, поефикасно и поевтино решавање на деловните спорови преку медијација. Тоа го овозможува денеска потпишаниот меморандум за соработка меѓу Комората на медијатори и Академијата во првиот Центар за медијација формиран според европски модел во Сојузот на стопански комори.

-Со меморандумот се обидуваме да ја зацврстиме соработката и да продолжиме во  насока на промоција на медијацијата како добро решение во решавањето на споровите. Се надеваме на добри резултати во наредниот период. Во комората постои неподелено мислење медијацијата да ја направиме да биде постапка, која за страните во спорот е прво, единствено и последно решение во доаѓањето до заеднички договор со што ние сме ја завршиле успешно нашата работа како медијатори, рече претседателот на Комората Славе Млаедновски по потпишувањето на меморандумот.

Наши конкретни задачи и активности во наредните период, додаде, се запознавање на граѓаните и институциите со можностите и со позитивните карактеристии на медијацијата во насока на намалување на водењето парница во судска постапка и на намалување на степенот на конфликтност со мирно решавање на споровите.

-Со потпишувањето на меморандумот се надеваме дека и деловната заедница ќе покаже поголемо чувство за медијацијата, рече Младеновски.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер-Дамјановска посочи дека ќе организираат обуки за засегнатите страни во деловните спорови за,како што рече, медијацијата да влезе како чекор пред стопанските субјекти да бидат решени да одат на парничење пред судовите.

-Би било упатно да се основа една култура на преговарање наместо да се завршува се со парничење во судот. Идејата е да заврши целиот проблем со соодветно спогодување без потоа да има потреба од судска завршница. Академијата сака да ги анимира судиите кои работат на судирните постапки почесто да стимулираат таков вид на договарање за да можат да се намалат судските трошоци, времето, енергијата или пребукираноста со предмети на судовите од овој тип, рече Габер-Дамјановска.

Во таа насока, посочи, добро е да се прават средби, семинари, разговори, размена на мислења, формирање на одредени ставови, политики и практики наработење меѓу судовите и медијаторите за полесно да се оствари соработката.

-Академијата ќе организира едукација за засегнатите страни – медијаторите, стопанските субјекти и судиите во граѓансите предмети (парниците) на кои ќе имаме и предавачи од странство што ќе ги пренесат новите сознанија и најдобрите практики во областа на медијацијата, истакна Габер-Дамјановска.

Законот за медијација е донесен во 2006 година, а до 2016 година преку медијација вкупно беа решени 100 спорови иако имаше 200 медијатори. По формирањето на Комората на медијатори на 17 јули 2017 година во земјава има 45 лиценцирани медијатори кои за последните две години решиле околу  2.000 предмети од кои официјално во Министерството за правда се регистрирани 1.346.

Искуствата покажуваат дека деловните спорови преку медијација се решаваат во просек за пет дена со само две до три средби меѓу засегнатите страни иако законскиот рок за постапката е 60 дена. Во судска постапка за решавање на спорот е потребна една година, па и повеќе.