Прекрасно е да бидеш сам, а да не бидеш осамен...

Во последно време често се гледам од перспектива на некој друг. Тој некој друг стои на спротивниот крај на просторијата и ме гледа мене (себе?) додека правам најобични работи. Понекогаш се гледам додека перам садови, садови кои ги купив со моите пари кои ги заработив. Во вторник и четврток се гледам додека вежбам – онаа која порано мразеше да вежба. Се запрашувам понекогаш каде исчезнав? Едно утро се гледав себеси како тешко дишам и како плачам во моите дланки. Верувам дека сите понекогаш се губат, јас и повеќе од доволно. Се губам во лавиринтот мисли и повеќе не знам што сум, какви мисли имам и дали овие две личности во мене воопшто се познаваат?

Во последно време често се гледам од туѓа перспектива затоа што сум чудна сама на себе. Можеби затоа што во последната година и не си обрнував внимание на себеси онака како што требаше. Зад мене остана една шарена година. Изминатото лето почнав да се запознавам себеси, онаа вистинската. Летово одлучив дека ќе престанам да се лажам себеси и дека ќе престанам да си раскажувам приказни за да ја избегнам вистината и да останам во удобната зона, во зоната на тој лажен дворец со дебели ѕидови кои не ми дозволуваа да бидам вистински среќна. Во последно време се гледам себеси од туѓа перспектива и се прашувам себеси: Дали сум воопшто свесна дека цела година работам?

Многу од вас нема да разберат зошто ми е тоа толку чудно. Имам доволно години за да работам и одамна го рпавам тоа. Но, голем дел од вас не ја знаат другата јас. Многумина не ја знаат жената која знаеше само за пречки на нејзиниот пат. Изминатата година за мене беше година на пресвртници. Година во која научив да бидам сериозна на еден нов начин. Секогаш се плашев да растам. Мислев дека нема да бидам способна да ги правам работите кои сега ги правам. Многумина со години мислеа дека уште сум дете. Ова лето одлучив целосно да се осамостојам, но не помислував на тоа да живеам сама. Иако сум личност која обожава да минува време во самотија, никогаш не сум живеела сама. Секогаш се повлекував во мојата соба и мојот свет на филмови, книги и музика. Но, навечер со храна и готвење ги минував вечерите со луѓето кои ги сакав. 

На крајот на летото се преселив во куќа со неколку луѓе. Таму поминав прекрасни денови кои ми дадоа сила за да се ослободам од сѐ што е непотребно во животот. По 2 месеци одлучив дека е време да живеам сама. Набрзо најдов малечок стан во кој можев да се вселам од декември. Прво се запознавав со мојот стан. Ми делуваше некако ладно и празно и не можев да се замислам во него. Па после почнав да чистам, да пополнувам. Го исчистив цел стан од корен и си ги донесов моите работи. Чудно ми беше тоа што целиот наш живот го собира во неколку кутии, торби и вреќи. 

Подоцна сфатив дека јас не сум работите кои ги имам, ниту чевлите. Не сум ни книгите кои ми стојат на полиците, ни покривачот кој толку го сакам. Но, моите работи го направија станот мое катче. Ми беше потопло и поубаво. Првата ноќ се будев и немав мир. Втората ноќ имаше сосема друг вкус. Секој ден сѐ повеќе се сакаме со мојот стан. Прекрасно е чувството да имаш нешто свое, да ги чекаш сметките, да ги поздравуваш соседите, да се запознаваш со нивните миленичиња. Прекрасно е да бидеш сам, а да не бидеш осамен. Прекрасно е кога првпат ги пречекуваш своите најдраги во твоето ново катче. Прекрасно е кога конечно ќе имаш свој дом. 

Во последно време често се гледам од перспектива на некој друг. Тој некој друг стои на спротивниот крај на просторијата и ме гледа мене (себе?) додека правам најобични работи. Моите движења се полесни од претходно. Повеќе се смеам отколку лани во ова време. Се гледам додека уживам во снегот. Се гледам себеси додека шетам по мојата нова улица. Се гледам себеси како му ја отворам вратата на мајсторот. Се гледам себеси додека си го средувам мојот малечок стан. Се гледам и горда сум. Прекрасно е да бидеш сам, а да не бидеш осамен. Прекрасно е да се чувствуваш смирено. Прекрасно е овој стан да го нарекувам мој дом. Прекрасно е да имаш место каде со радост ќе се враќаш, дури и во овој најмал стан.