Предновогодишно шопинг лудило - Македонците традиционално го освојуваат Солун

Еднодневен шопинг во Солун веќе стана традиција кај Македонците. Почнувајќи од средината на декември кога почнуваат подготовките за Нова Година, па се до средината на февруари, шопинг центрите кај нашиот јужен сосед се полни со македонски потрошувачи.

Туристичките агенции веќе од минатиот викенд почнаа да ги полнат автобусите за еднодневни шопинг тури. Најчесто се патува во сабота, бидејќи тогаш се отворени сите продавници и шопинг центри. Најголема посетеност во овој период освен по бутиците, има и во Икеа, каде што домаќинките се подновуваат со нови новогодишни украси за своите домови.

Повратна карта со посета на шопинг центарот Космос, Икеа, центарот на Солун, одсносно на Цимитцки каде се сместени продавниците на повеќе брендови на облека се движи од 600 до 1.000 денари во зависност од превозникот.

Сепак ова е само почеток на зимската шопинг сезона.

Вистинските сезонски попусти започнуваат кон средината на јануари, а тогаш интересот кај граѓаните е уште поголем, пред се поради големите попусти кои што се нудат.

Еднодневно патување до Солун секоја сабота кај туристичките агенции се нуди се до крајот на февруари кога и официјално завршуваат попустите.

Големиот интерес за еднодневно патување во Грција го потврдуваат и изнајмувачите на комбиња, на минибуси и на автобуси, кои велат дека како и во текот на изминативе две години така и оваа, нивните превозни средства се резервирани до крајот на февруари.