Предновогодишно прикажување на детската претстава „Пиратите од Горно Маало“ во Драмски

На два дена пред Нова година (29 декември) најмладите вљубеници во театарот ќе можат да ја погледнат претставата „Пиратите од Горно Маало – Враќањето на сенките“ во Драмски театар – Скопје.

Станува збор за театарска претстава која е комедија-мјузикл на Летечката театарска трупа и е продолжение на една од најуспешните претстави за деца прикажани кај нас.

Имено, како што информираат од Драмскиот театар, кога во 2007 година беше прикажана премиерата на „Пиратите од Горно Маало“ заедно со репризите и гостувањата во други театри, претставата ја погледнле околу 4.000 гледачи.

„Нејзините реплики долго време одѕвонуваат низ сеќавањата на безброј деца. Претставата изобилува со оригинални костими, со богата музичка илустрација и поучни фрази и пораки кон публиката“, вели асистентот на режија, Зоран Јованоски.

Почетокот на претставата „Пиратите од Горно Маало – Враќањето на сенките“ е закажан за 19 часот, в петок.