Пред 15 години Македонија плачеше од радост - Кометал ЃП ја покори Европа! (видео)

Екипата на Кометал Ѓорче Петров и понатаму останува единствена од Македонија која е запишана меѓу освојувачите на Лигата на шампионите. Овој тим доминираше долго во македонскиот женски ракомет и одигра три финалиња во најсилниот Куп.

Титулата дојде точно на 19 мај во 2002 година, кога во Скопје беше совладан составот на Херц-Ференцварош со 26:22 (вкупни 51:49).

Во 2002 година ѓорчепетровки не дозволија да им се повтори финалето од 2000 година, кога против Хипо не успеаја да се изборат за трофејот. Тогаш после поразот од 25:27 во Унгарија одиграа одлична средба. Тргнаа силно во реваншот и имаа целосна контрола. На полувреме веќе ја имаа неутрализирано негативата од првиот меч бидејќи водеа со 12:10, а на пет минути до крајот ја чуваа предноста од пет гола (24:19), која им беше актуелна во поголем дел од второто полувреме. На крајот со 26:22 се изборија за голем триумф.

На овој меч за Кометал Ѓорче Петров настапија: Дину, Калиниченко, Кастратовиќ (10 гола), Платон (1), Велкова (5), Бујанова (4), Чупиќ, Будимир (2), Кисељова (2), Андрушенко, Нацева, Малахова (6), Плошницка, Златановска.