Повторно украдени таблите од спомениците во центарот на Скопје и плоштадот во Автокоманда

Непознати сторители повторно ги отстраниле таблите на спомениците од античката историја. Информација дека овие споменици припаѓаат на античката хеленска историја и на светското културно наследство, има само пред споменикот на Олимпија.

Вакви ознаки, предвидени со Договорот од Преспа, нема пред спомениците “Воин на коњ” и “Филип Втори”, а украдена е и табличката пред споменикот на овој старомакедонски крал во Автокоманда.

Од град Скопје најавуваат засилен надзор. 

“Градот Скопје ќе ги санира оштетените делови на спомениците, а ознаките (онаму каде што се отстранети) ќе бидат повторно поставени. Спомениците се оштетени од непознати сторители и од тие причини не може да бидат изречени казни. Поради зачестената појава на оштетување, Град Скопје во рамките на своите надлежности во наредниот период ќе го засили надзорот“, соопштија градските власти.

Дали се спроведуваат одредбите од преспанскиот Договор, будно следи и новата грчка влада. Појавата на иредентизам ќе има директно влијание врз евроинтеграциите на земјава, предупредува алтернативниот министер за надворешни работи Варвициотис.

“Нашата влада го следи секој чекор на владата на Скопје и во секој случај нема да дозволи да се изразат појави на иредентизам и прекршување на владеењето на правото, што ќе имаат директно влијание врз нејзиниот интегративен процес во Европската унија. Веќе внимателно ја следиме елиминацијата на сите архаични симболи од јавните места кај соседот”, вели алтернативниот шеф на грчката дипломатија.

Во земјава веќе две недели се брише сонцето од Кутлеш од градските шахти.