Поучна приказна: Ова е најголемиот подарок кој можеш да му го дадеш на оној кој вистински го сакаш!

Големите подароци помеѓу партнерите често подразбира непотребни жртви, затоа што за заљубениот човек нема поголем подарок од уживање во друштвото на саканата личност.

Во една од своите книги, аргетинскиот психијатар Хорхе Букај ја пренел старата и поучна приказна за подароците кои љубовниците си ги размениле.

Двајца млади се знаеле уште откако таа имала 13, а тој 18 години. Живееле во едно село на планинска падина. Тој, висок, вит и мускулест, бил дрвосечач од раѓање затоа што тој ја наследил и научил таа работа. Таа била убава, со светли очи, имала долга руса коса која и паѓала до струкот.

Кога таа наполнила 18 години, а тој 23, целото село се здружило за да им направи свадба. Селаните им подариле земја во шумата и им изградиле куќичка. По петдневно славје, сопружниците се вселиле во куќичката и почнале среќно да живеат.

Полека се приближувала и првата годишница од бракот. Поради тоа младата жена одлучила да отиде во селото и да пронајде подарок за својот сакан со кој ќе му ја покаже длабочината на нејзината љубов.

Во селската златара здогледала прекрасен златен ланец. Тогаш се сетила дека постои само еден предмет кој нејзиниот сопруг го сака – златен часовник кој го добил од својот дедо пред да почине. Тој часовник го чувал во една футрола на ноќната масичка, покрај креветот и секоја вечер го земал, го бришел и долго го слушал неговото чукање, како да го слуша гласот на саканата личност.

Каков прекрасен подарок би бил златниот лакец за тој часовник! Младата девојка влегла во продавницата да праша за цената. Непријатно се изненадила кога сфатила дека ланецот е многу поскап отколку што мислела. Требало да поминат три годишници за да собере толку пари. Излегла од златарата тажна и замислена, прашувајќи се што да направи за да заработи пари за подарокот.

Тогаш прошла покрај селската фризерница на која стоел натпис: КУПУВАМЕ КОСА.

Ја помилувала својата долга руса коса, која не ја шишала од својата десетта година и веднаш влегла да се распраша за цената на косата. Парите кои и биле понудени биле доволни за да го купи златниот часовник и таа веќе немала причини за да се предомислува.

На денот на годишницата, тие се прегрнале пред тој да отиде на работа. Штом ликот на нејзиниот маж се изгубил од видик, младата жена се спуштила во селото. Отишла во фризерницата, се ишишала кратко и ја продала својата коса. Потоа возбудено се упатила кон златарата. Таму го купила златниот ланец и дрвена кутија. Го спакувала подарокот во кутија, замислувајќи го изразот на својот маж кога ќе го отвора.

Потоа се вратила во куќичката и ја покрила главата со црветна марама, затоа што тој ја обожавал нејзината коса, па не сакала да забележи како ја скратила. Подоцна ќе има време да му објасни дека тоа е мала жртва која се прави за саканата личност.

Кога се вратил се прегрнале, се бакнале, си рекле еден на друг дека се сакаат и дека се среќни што живеат заедно. Таа од под масата ја извадила дрвената кутија со златниот ланец за часовникот, а тој отишол до ормарот, откаде го извлекол скриениот подарок.

Додека тој ја отворал кутијата, таа нестрпливо ја кинела украсната хартија. Тогаш го здогледала подарокот од својот сакан: две прескапи и преголеми шноли за коса кои тој ги купил затоа што го продал златниот часовник од дедо му.