Потребна е храброст и искреност за да бидеш ранлив пред друг човек

Сите сме уверени дека споделуваме интимни работи со саканите. Затоа и постојат оние етикети како „најдобри“ пријатели, затоа што само на најдобрите пријатели можеме да им кажеме сѐ. Нашите партнери, освен што ни се и најдобри пријатели, тие се и нашите љубовници, сопружници, личности со кои го споделуваме нашиот живот, зарем не? Интимноста е нешто што би требало да биде заедничко за сите силни врски во нашиот живот. Но, да бидеме реални, интимноста е заборавена категорија. Често го користиме тој збор во секојдневниот говор, но многу малку и го применуваме во нашиот живот. Мислиме дека живееме интимност во врските, но всушност цело време пловиме на површината на врските, затоа што таму е поудобно, но не и поубаво. 

За вистинска интимност се потребни и храброст, искреност и доверба. Потребна е храброст за да можеме да се „разголиме“ пред друга личност, да ги спуштиме сите наши ѕидови, да ги покажеме сите лица, вклучувајќи ги и оние кои и не ги сакаме баш, лица кои прават да се чувствуваме помалку вредни, слаби и ранливи.

Зборуваме за искреноста која може да ги продлабочи нашите врски, храброст да бидеме слободни да кажеме што чувствуваме, дури и ако чувствуваме срам поради тоа, дури и ако чувствуваме бес, лутина или страв, несигурност да го покажеме нашето вистинско лице. Кога ќе ја изговориме „нашата вистина“, тие страшни чувства се распространуваат и почнуваме да чувствуваме вистинско ослободување. Затоа што само со искажување на „нашата вистина“ можеме да изградиме блискост со сопственото битие, но и со другите. 

Така си стануваме важни самите на себе, а и на другите. Често се случува да го отвориме срцето пред некој кој воопшто не го ни знаеме, а ретко на луѓето кои најдобро нѐ познаваат. Тоа е поради тоа што не е потребна толкава храброст да раскажеш сѐ за себе на некој странец, за разлика од храброста која е потребна за да бидеме ранливи пред оние со кои секој ден го споделуваме животот. Тажно, зарем не?

Првата личност со која треба да развиеме интимност сме самите ние. Да се разголиме пред себеси и да се видиме какви сме навистина, вклучувајќи ги и мрачните делови од себеси. Кога ќе го направиме ова, дури тогаш ќе можеме да постигнеме вистинска интимност со друга личност. Да претпоставиме дека сме го совладале првиот чекор и сме престанале да бегаме од себе, но сѐ уште бегаме од другите. Врските со другите често нѐ повредувале, нѐ разочарувале. Отвореноста се покажала како лоша животна карта, а како последица на тоа, сме создале ѕидови околу нашето срце и сме мислеле дека тоа е логичен избор и животна тактика. Но, дали е тоа навистина така?

Мислиме дека затвореноста на долги патеки носи сигурност. Сигурност дека нема да бидеме повредени, дека нема да страдаме, нема да бидеме исмејани, предадени, помалку сакани... Довербата е нешто што ни дава чувство на сигурност дека ќе бидеме прифатени такви какви што сме, можност целосно да се предадеме и да се чувствуваме заштитени и сакани. 

Затоа довербата е клучна за да се гради интимност во самата  врска. Без доверба, без храброст и искреност нема интимност, а без интимност нема квалитетни врски, а врските се клучен дел од нашиот живот. 

Можеме да имаме површни врски и површен живот, но и да имаме квалитетни врски и квалитетн живот. Квалитетните врски, вклучувајќи го и ризикот да бидеме повредени, се врските кои ни даваат чувство на исполнетост, можност да се покажеме во вистинско светло и да бидеме прифатени и сакани онакви какви што сме. 

Без интимност нема квалитетни врски, а без квалитетни врски нема квалитетен живот.