ПОСЛЕДЕН АПЛАУЗ: Музичарите плачат по харизмата и страста на Ѓумар

Во присуство на семејството, неговата мајка, поранешните две сопруги и двете деца, колегите од сите области на музичкото творештво и од сите генерации во солзи и во неверица зборуваа за загубата и големата празнина што се отвора со заминувањето на Саша Ѓумар во неговите најплодни години. Попладнето, Гумар беше погребан во Скопје.

Фото: СДК.мк

За Ѓумар со искрена почит говореше в.д. деканот на ФМУ Зоран Пехчевски, како за ерудит, човек со длабоки познавања од сите области на духовното творештво, харизматичен, енергичен, но и човек со трогателна нежност кој не се снаоѓаше добро во материјалниот свет. Тој рече дека и Ѓумар како и сите имаше свои внатрешни демони, но не дозволи да го победат и од него да излезе некакво зло, во каков и да е облик.

Министерката Елизабета Канческа-Милевска сподели оти во Русија, него го викале, Ѓумар генијалецот од Македонија. За Ѓумар, музикологот Марко Коловски во снимено обараќање  говореше како за маѓепсник на диригирањето кој ги скротува сите партитури и најсложените музички форми раководејќи со големиот симфониски апарат, како за диригент кој беше баран од сите домашни комозитори, да биде токму тој што ќе ја вообличи праизведбата на делото, од сите ансамбли за надминување на опасностите од некое сложено дело. Него го бараа и за проектите во кои се помируваат популарното и класичното, народното и и професионалното. И на крајот, сите го добиваа она што го посакуваа.

Ѓумар, вели Коловски, беше еден од столбовите на македонската музичка уметност, кој достојно ги наследи диригентите од првата и од средната генерација, уметник со дионисов темперамент, страст и љубов кон музиката што несебично ги раздаваше.

Комеморацијата заврши со долг аплауз, а простувајќи се од својот професор, кој на изведбите им даваше нему својствена арома, студентите му посакаа некаде горе да му се оствари неостварената желба, да диригира Вагнерова опера, а ние на некој чудесен начин да можеме тоа да го чуеме.