Посетата на јавните бањи и амами претставувало ритуал, со посебни подготовки, во минатото во Скопје

Јавните бањи и амами во Скопје ги граделе ориентални неимари. Нив најмногу ги употребувале муслиманите и тоа со двојна намена: за одржување на хигиената  и за религиозни капења.

Сите амами, според надворешниот изглед, личеле еден на друг, но според својата внатрешност, тие битно се разликувале. Некои од нив личеле на старите римски бањи, други биле со модерен изглед, но најчесто внатрешноста била ориентална. Најчести посетители на ориенталните амами биле муслиманките кои во амамите ја одржувале својата хигиена.

Во градот постоеле четири амами  кои не ги посетувале само муслиманите туку и голем дел од христијанското население.

Овие четири амами имале 18 одделенија за капење со 43 мали корита од кои се земала топла вода за поливање. Поливањето се вршело со специјални посатки,  наречени тасови. Освен корита, во амамите, имало и 3 кади и два туша. Водата во амамите била носена или од бунари (со помош на електромотор) или од обични јавни чешми. Во овие бањи имало и 23 кревети за одмор, а имало и простории за потење. Цената, во зависност од тоа дали бил користен кревет или не, била различна. За жените цената била пониска во однос на мажите. Во амамите дневно се капеле околу 140 луѓе. Хигиената во амамите била на задоволително ниво.

Амамите биле распоредени по маала. Стара нова бања се наоѓала во Крњево (на местото на денешниот комплекс факултети), Нова бања била во Ново маало (спроти “Гранд хотел”), Чаирска бања во Чаир на мостот пред Јаја-паша и бањата Вардар кај Поштата. 

Посетата на јавните бањи претставувала ритуал, со посебни подготовки. Секој носел пешкир, тас за посипување и храна, бидејќи во бањата се останувало по неколку часа. Муслиманските жени во бањите ја одржувале целокупна хигиена, ја фарбале косата со к'на, се депилирале со специјално средство за депилација т.н.”сарик'на”и сл. По завршувањето на капењето и парењето, се седело пред бањите, се пиело кафе, клакер и газоза. Амбалажата на клакерот и газозата била интересна - мали шишиња кои се отворале со буткање на топче кое служело како затворач. Честопати во бањите, во зимскиот период, се правеле и вистински гозби со разновидна храна.