Поразителна статистика: Водиме по смртност – на дното сме според тестирањето

Македонија е на врвот по бројот на смртни случаи на милион жители во регионот.  Според податоците на „Worldometers“, Македонија е на дното по бројот на тестови, а само во Србија се регистрирани повеќе инфицирани отколку кај нас.

 

Статистиките на овој сајт кој ги собира податоците од целиот свет покажуваат дека Македонија има 54 жртви од коронавирусот на еден милион жители. Веднаш зад нас се Словенија со 51 и Босна и Херцеговина со 44. Потоа следат Србија со 27, Хрватска со 24, Бугарија 19, Црна Гора 14, а Албанија бележи најмалку смртни случаи – 11.

 

Кога ќе се погледне бројката на инфицирани, Македонија е втора, веднаш зад Србија. Според статистиките, кај нашиот северен сосед на милион жители регистрирани е 1.281 инфициран граѓанин. Во Македонија, пак, бројката 959. Потоа следат БиХ со 733 случаи, Словенија 707, Хрватска 546, Црна Гора 516, Бугарија 350, Албанија 349 и Грција со 276 случаи.

 

Она што е интересно е дека Македонија се наоѓа на дното по бројот на тестирани луѓе во време на пандемијата. Само Бугарија и Албанија тестирале помалку од нас.

Најмногу тестови направила Словенија, 36742 на еден милион жители. Следува Србија со 25.209, БиХ 18.258, Црна Гора 16.188, Хрватска 15.197, Грција 14.868. Македонија е во последната тројка со 12.253 тестови на милион жители, зад нас се само Бугарија со 10.720 и Албанија со само 4.633 теста.