Порака од свештеници од Бигорски: Да ја обединиме нашата молитва сите заедно

Непрестајната молитва и соединувањето со Бога преку неа треба да биде стремеж не само за монасите, туку и за сите Христијани. Затоа, во контекст на ова, а по повод искушението со коронавирусот, деновиве од повеќе архиереи, духовници, манастири, вклучително и од Светата Гора Атонска, беше упатен апел до сите верници ширум светот, да се обединат во заедничка молитва, за да се надмине ова искушение и добриот наш Бог да им дава душевни и телесни сили на лекарите, болничарите, на сите здравствени работници, истражувачи, научници и волонтери, кои пожртвувано се борат со оваа пандемија. Свештената Бигорска Обител, која го негува светогорското молитвено наследство, се приклучува на овој апел и ги повикува своите духовни чеда и тие да го направат истото.

Молбата до сите е едноставна:

„Секоја вечер, во периодот од 22:00 – 22:15 часот, време кога природата се стишува во темнината, да бдееме малку и да го посветиме нашето време за молитва кон Бога, изговарајќи непрестајно: Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј го Твојот свет. Верните од секоја држава започнуваат во 22:00 часот според локално време, за во целиот свет да се направи еден непрекинат ланец на молитва. Да ја обединиме нашата молитва сите заедно, со сознание дека Бог не нè напушти и со свест дека ние се оддалечивме од Него. Да се вратиме кон Него, Кој како најмилостив Татко, ја отвора Својата прегратка за нас.

Во овие тешки мигови што ги поминуваме, под заканата на пандемијата, повикани сме повторно да се свртиме кон Бога и да ја обновиме нашата врска со Изворот на животот. Го повикуваме народот Божји на една духовна регрутација преку заедничката молитва, бидејќи преку неа сите стануваме едно тело, една молитва, една заедничка проза, прозба за спасение упатена кон животодавецот Христос“.