Поради одрон од камења воз излета од шините кај Миравци

Откако во вторникот пругата кон Битола беше расчистена од одронот на камења, утрово се случи нов одрон на пруга, овојпат кон Гевгелија, близу станицата Миравци. Поради тоа, железничкиот сообраќај од Велес кон Гевгелија и обратно е во прекин. МВР го потврди инцидентот кога на одронот налетал и товарен воз.

„Утрово во 6:40 часот, товарен воз кој сообраќал од Гевгелија за Табановце удрил во одрон од камења меѓу железничките станици Миравци и Клисура. Притоа, дел од возот излетал од пругата, повредени нема“, изјави Хризантема Рендева, портпарол на СВР Струмица.

Од ЈП МЖ Инфраструктура го потврдија инцидентот и велат дека имаат „вонреден настан“, со тоа што најавуваат дека пругата ќе биде расчистена уште во текот на денот. Целиот превоз од Солунското пристаниште за Македонија, но и за средна Европа оди преку оваа пруга.

ЈП МЖ Инфраструктура вчера информираше дека е расчистен одронот од пругата кон Битола, меѓу Мартолци и Стари Град и во текот на денот таму веќе минале два товарни воза. Одронот се случи на 15 март во вечерните часови.

„Железничкиот сообраќај од и кон Битола е нормализиран. На местото каде што беше одронот ќе се вози со брзина од 20 км/ч“, информираа од ЈП МЖ Инфраструктура.

Од МЖ Транспорт АД соопштија дека патничкиот сообраќај на релација од и кон Битола ќе биде воспоставен во понеделник. (izvor-sdk.mk)