Покажи ми дека вреди да го чекаме нашиот танц...

И што кога ќе престане да паѓа дождот?
Дали и тогаш ќе ми се јавиш
за да те наежам
да те гледам во тие очи со боја на бадеми
и да молчам за тоа колку сакам да ме посакуваш.

Заврти ме,
но нежно,
и покажи ми дека вреди да го чекаме нашиот танц.

Мразејќи го чекањето,
ги забрзував чекорите и го терав срцето да чука побрзо.
Не знам поинаку.
Не ме обвинувај.
Само сакај ме.
Како што чувствувам дека можеш.
Како што внатрешните водичи те водат,
Дури и кога бурата на секојдневието ти удира шамари.

Однеси ме на остров
и дозволи ми гола да се приближам и склопчам
како песок да му се препуштам на твоето Сонце.

Намуртен
ми ги броиш бакнежите
А знаеш дека не ми оди... да бидам силна во слободно време.
Нели е доволно што влечеме товари и не дозволуваме Сегашноста да не обземе?

Читај ми.
Оние ретките соништа кои ги сонуваше сподели со мене.
Ќе бидам тивка.
(Ветувам со тешко срце)

Гризи ме.
Но, не дозволувај да остане трага.
Тогаш минатото ме потсетува
дека ова не смеам да го правам.