Појаснување од Цементарница УСЈЕ во врска со текст објавен на Скопје Инфо

Во врска со текст кој вчера беше објавен на Скопје Инфо, денес Цементарницата до нашата редакција доставиме реакција во која ги изнесуваат своите факти поврзани со објавата. Во продолжение интегрално го пренесуваме појаснувањето добиено од нивна страна: 

Во врска со вашиот текст со наслов „Утрински поздрав од Цементарница Усје„ објавен на 13.11.2019 година, во насока на правилно и точно информирање на вашите ценети читатели и во интерес на јавноста која цени да гради ставови и мислења врз основ на точни информации, сакаме да ги изнесеме следниве факти за УСЈЕ.

УСЈЕ, како компанија која се наоѓа во урбано подрачје, целокупното свое работење го извршува согласно највисоките стандарди и законската регулатива во областа на животната средина. Од 2011 година, УСЈЕ поседува Интегрирана еколошка А дозвола, која гарантира работење согласно домашното законодавство и стандардите на ЕУ во областа. Имплементирањето на Интегрираната еколошка А дозовола претставува  заокружен строго контролиран процес на производство, водејќи сметка за сите сегменти што ги опфаќа нашето работење.

Веќе 12 години работењето на УСЈЕ се мониторира од независен автоматски систем за мониторинг на емисии во воздухот, 24 часа 365 дена во годината. Опремата е од производителот SICK – Maihak од Германија, а одржувањето и калибрацијата на инструментите го врши надворешна компанија, која има авторизација од производителот и е акредитирана од Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ).

Сите мерења од работењето на компанијата се јавно достапни на страницата на компанијата, http://www.usje.com.mk/NedelniIzvestaiEmisii.html, и во Министерството за животна средина и просторно планирање, а секоја недела се доставуваат и до медиумите.

Нашите оџаци кои се највидлив дел од нашата компанија, имаат  современи вреќести филтри, кои се автоматски поврзани со целокупниот процес и доколку од која било причина тие не функционираат – процесот на производство автоматски запира. Тоа јасно укажува дека не постои ниту минимална можност, за функционирање на производниот процес надвор од јасно утврдените правила и законски параметри. Со оглед на природата на нашата работа, која е поврзана со градежната индустрија, компанијата поинтензивно работи во текот на летниот период, а во текот на зимата, УСЈЕ извршува редовен ремонт на печките, вообичаено во периодот од декември до февруари. Иако во тој период компанијата нема никакви активности, состојбата со амбиенталниот воздух повоторно покажува високи концентрации на недозволени честички. УСЈЕ како дел од оваа заедница е сеориозно загрижена за ваквата состојба и правиме огромни напори да му помогнеме и на општеството во поширока смисла за што сме иницијатори на голем број на проекти од јавен интерес.

Работењето на Цементарница УСЈЕ внимателно во континуитет се контролира од страна на Државниот  инспекторат за животна средина. Сите контроли утврдуваат дека УСЈЕ во целост ги исполнува законски предвидените обврски и во просек емисиите се неколку пати пониски од законски дозволените граници. Покрај тоа, во Цементарница УСЈЕ се спроведува и дополнителен  мониторинг на квалитетот на амбиенталниот воздух преку индикативни мерења на ПМ 10 честичките во кругот на фабриката, а местото на мониторингот е определено од страна на регулаторот. Со повеќегодишно следење, утврдено е дека работењето на компанијата нема никаква корелација со измерените вредности во амбиенталниот воздух во околните населби и во градот Скопје.