Почна снимањето на македонскиот филм „Дедо и внук“

Играниот филм „Дедо и внук“ на сценаристот и режисер Илија Пиперкоски во продукција на „Пандора’с бокс продукција“, а во соработка со Дрим Фектори и Елиен Филм, го започна снимањето во Охрид. Филмот е финансиски помогнат од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Филмот ја раскажува приказната по смртта на еден млад пациент, во која младиот доктор Никола се обидува да направи ред во својот живот и оди на посета кај неговиот дедо. Последен пат бил кај него пред 10 години. Ова е филм за конфилкт на генерации, со контраст на морални вредности, моменти за втора шанса. Љубовта не е нешто кое треба да биде научено. Тоа е нешто кое веќе го имаме, но иронично е тоа што секогаш мора одново да го научиме. А со која цел? Да станеме почисти луѓе, како некогаш кога бевме деца.

Главните улога во филмот ги толкуваат Дејан Лилиќ, заедно со Салаетин Билал и Даниела Ивановска.

Филмот комплетно ќе се снима во Охрид, и ова е за прв пат во поновата македонска историја, игран филм во целост да е снимен во Охрид, и креиеран од автор кој живее и твори во Охрид.

Авторска екипа ја сочинуваат Директорот на фотографија од Романија - Патру Паунеску, сценографијата во филмот ја креира Владимир Зафирковски, Костимограф е Жаклина Крстевска, автор на шминката и маските е Клаудиа Мусат, снимател на звукот е Мариус Станеску, а продуцент на филмот е Огнен Антов.