По 70 години се затвори Тетекс - ги упропастивме домашните брендови за да молиме за странски инвестиции

По 70 години се затвори Тетекс. Од европски и југословенски гигант до македонска трагедија. Газела, Годел, Треска, ФАС 11 Октомври, од врвот до дното.

Ги упропастивме домашните брендови за да молиме за странски инвестиции.

Уште една фирма замина во историја. 

Вработените жалат и се сеќаваат како било во Тетекс порано, како што велат тие, златни години.

Од  фабриката соопштуваат дека по 70 години Тетекс го затвори погонот за тешка конфекција главно поради ниските цени и конкуренцијата на земјите од Далечниот Исток.

Деновиве се затвори и погонот Конфекција, кој беше последен што работеше. Пред една година престана да работи погонот Трикотажа, а минатиот месец и Ткајачница. Единствено работи Предилницата за производство на волница, но таа е дадена на странска фирма.

Волнарскиот комбинат „Тодор Циповски-Мерџан“ започна со производството на 25 мај 1951. Во годините и децениите што следеа, „Тетекс“ израсна во вистиски текстилен гигант на југословенските простори. Во 1991 година започна неговата трансформација од општествено претпријатие во акционерско друштво. Во 1987-1988 година, комбинатот имаше 8.800 вработени во неколку производствени погони и во голема трговска мрежа. Во последниве две децени, од година во година, поради потешкотии во работењето постојано се намалуваше бројот на вработените и еден по еден се затвораа производствените погони.

Иста судбина како Тетекс имаа многу фирми во Македонија, кои беа гиганти на времето. Многу работници останаа на улица.