Писмо до жената којашто ја обожавав, но со која се плашев да бидам во врска

Се приврзав за тебе уште на факултет. Беше прекрасна, весела и љубезна со мене. Дури и да беше сама (а не беше), јас немав никакви шанси, бидејќи бев смотан, непривлечен адолесцент. Во најдобар случај, јас ти бев интересен и ние бевме пријатели.

Како што доаѓаше крајот на факултетските денови, јас се плашев дека нашето пријателство ќе заврши со дипломирањето. Додека другите едвај чекаа да дипломираат, за мене тоа беа денови кои ја одбројуваа нашата последна средба. Не мислев речиси на ништо друго, освен на тоа. Дури и напишав песна, единствената којашто некогаш ја напишав. И до ден денес понекогаш ја свирам и се уште ја чувствувам болката. Зборовите на песната се како извадок од дневникот кој никогаш не го водев: потсетник на тагата којашто ја чувствував.

И двајцата дипломиравме и по некоја случајност, се вработивме во истата фирма, такашто не се разделивме засекогаш. Се уште имавме супер однос, но јас на моменти бев ужасно љубоморен за време на сите тие вечери кога ти зборуваше со други мажи. Многупати се опијанував и започнував расправии, а тоа навистина не беше фер. Верувам дека тогаш веќе знаеше зошто се однесував така, но не сакаше да ме засрамиш со тоа што ќе го посочиш очигледното.

Со тек на време, двајцата си тргнавме по различни патишта и разделбата од која се плашев на факултет навистина се случи. Неколку месеци одев наоколу со скршено срце, иако нашето пријателство се уште постоеше и надвор од работното место и одвреме-навреме се уште се гледавме. Тоа што те гледав поретко направи и поретко да мислам на тебе и затоа нашето пријателство беше поздраво.

Тогаш, во нашите доцни 20-ти години, по речиси една декада откако се заљубив во тебе, за време на една пијана вечер се бакнавме. По толку години заробен во мислата дека си надвор од мојот досег, јас бев запрепастен. Иако со текот на времето созреав, во мојата глава никогаш не размислив за можноста да бидеме заедно.

Повторно се запрепастив кога ти, трезно и отворено, ми рече дека би сакала да пробаме да бидеме во врска. Па така, започнавме да излегуваме и се забавувавме. На хартија, ова беше остварување на сонот, но нешто не беше како што треба. По секој состанок, јас не можев да комуницирам и се колебав со закажување на следниот состанок.

Кога ме праша што е проблемот, јас се шокирав и себеси и тебе со тоа што реков дека не сакам сериозна врска. Знам дека ова те повреди и те збуни. А најлошото е што го уништи нашето пријателство.

Поминаа седум години откако последен пат се видовме. Сега сум на крајот од моите 30-ти години и оженет, а и ти си во врска. Ја сакам мојата жена и не би менувал ништо во мојот живот, но не можам, а да не мислам често на тебе. Навистина се грижам за тебе и ме убива тоа што повеќе не сме си дел од животите.

Ако беше дел од мојот живот, ќе се обидев да ти го дадам вистинското објаснување кое го заслужуваше, а никогаш не го доби. Едноставно, јас бев кукавица. Јас бев засрамувачки незрел во моите 20-ти години, преплашен од сериозна врска, дури и ако тоа беше врска со жената која ја обожавав со години.

Исто така би ти кажал дека ти беше и остана прекрасна. Знам дека сега имаш свое семејство и навистина се надевам дека си среќна. Навистина ми е жал што се однесував лошо со тебе и што дозволив моите сопствени несигурности да не разделат. Се надевам дека најде човек кој е похрабар од мене и кој навистина те заслужува многу повеќе отколку што јас те заслужував.

Твој,
Анонимен