Пет малолетници правеле „пустош“ низ Скопје - за два месеци 7 кражби

Пет малолетници од Скопје добија кривична пријава поради основано сомнение дека извршиле седум разбојништва во текот на јануари и февруари годинава. 

МВР ги сомничи Ф.Д. (19), С.Н. (18), А.М. (17), С.К. (18) и М.Џ. (18) дека извршиле кражби во продавници низ скопско, од каде го одзеле дневниот промет. 

Првата кражба ја извршиле на 20 јануари околу 20:30 часот во продавница на улицата „Козле-1“ каде со закана со безбол палка и нож го одзеле дневниот промет од околу 16.500 денари, а втората во маркет на ул. „Рузвелтова“ каде со закана со безбол палка одзеле околу 30.000 денари и 30 кутии цигари. На 29 јануари околу 21:55 часот во самопослуга на улицата „1“ во Ново Село на идентичен начин го одзеле дневниот промет од околу 11.000 денари, а следниот ден околу 20:45 часот во продавница во селото Радишани го одзеле дневниот промет од околу 26.000 денари. 

На 3 февруари околу 19:30 часот во мини маркет во селото Визбегово на идентичен начин со безбол палка и нож повторно го одзеле дневниот промет од околу 30.000 денари и неколку кутии со цигари, а пет дена подоцна околу 20:30 часот извршиле разбојништво во продавница на улицата „Борис Сарафов“ од каде што го одзеле дневниот промет од 20.000 денари. На 10 февруари околу 18:30 часот во продавница во Радишани го одзеле дневниот промет од околу 20.000 денари.

На 11 февруари биле извршени претреси во домовите на Ф.Д., С.Н. А.М. и М.Џ. при што кај првите тројца биле пронајдени предмети од интерес на истрагата. Пријавените биле приведени и задржани во полициската станица во Карпош каде ги признале делата.