Пендаровски: Се менуваа влади, поминавме низ воен конфликт, но НАТО остана наша стратешка цел

Обврската на оваа генерација е да го доврши процесот за НАТО кој е наша стратешка одлука уште пред 27 години, рече претседателот на државата, Стево Пендаровски, во своето обраќање на седницата за ратификација за протоколот за членство во НАТО.

„Се менуваа составите на парламентот, се менуваа влади, поминавме низ воен конфликт, поминавме низ тешка политичка криза, но нашите стратешки ориентации за членство во НАТО и ЕУ останаа наш најважен национален приоритет“, рече Пендаровски.

Тој нагласи дека членството во НАТО немаше да биде возможно доколку не беа решени долгогодишните спорови со соседите, со што се кренале ѕидовите кои со години биле пречка за државата.

„Новата политика кон соседите и цврстата заложба за решавање на споровите се темелот на остварувањето на нашите стратешки цели. Компромисите кои ги направивме не беа ниту едноставни, ниту лесни. Но, факт е дека решавањето на спорот со името со Грција и договорот за добрососедство со Бугарија, се клучните одлуки кои не донесоа до целта”, рече Пендаровски.

Тој додаде дека како полноправна членка, државата ќе има подеднаква одговорност како останатите да се справува со сите предизвици и ризици. Спомена дека треба рамо до рамо со другите членки, земјата да вложува во реформите во армијата при што ќе има задача да издвојува до 2 отсто од буџетот за оваа цел.

Изрази благодарност до сите генерални секретари на НАТО, почнувајќи од Солана во 1999 кога земјата доби статус змја кандидат, до Столтенберг кои се заложија за полноправно членство во Алијансата.