Пендаровски: Приемот во НАТО еден од трите најважни моменти во нашата понова историја

Нашето зачленување во НАТО е еден од трите најважни моменти во поновата историја, од нашата независност до денес, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски во претходно снимено видео обраќање емитувано денеска на онлајн дискусија на тема „Глобалните закани, ризици, предизвици, можности и членството во НАТО“.

– НАТО е предуслов за развој. Ако имате гарантирани граници, безбедност и територијален интегритет, во секоја друга област можете да напредувате бидејќи ги имате сите други предуслови, порача Пендаровски.

Во обраќањето на дискусијата, организирана од Факултетот за безбедност од Скопје и Американскиот центар за образование по повод 4 Април – Денот на НАТО и македонското полноправно зачленување во Алијансата, Пендаровски посакувајќи следната година овие два настани „да ги прославиме сите заедно, лице в лице“.

Пендаровски порача дека има посебно чувство на задоволство имајќи ги предвид неговото претходни работни обврски изминатите околу 20 години поврзани со НАТО. Пред да биде претседател тој беше национален координатор за НАТО и советник за НАТО на двајца претседатели.

Зборувајќи за тоа како НАТО одговара на пандемијата со Ковид-19, шефот на државата потсети дека пред неколку дена првпат во историјата на Алиансјата се одржа видео безбедносна конференција и оти за овој месец е закажан вонреден состанок на министрите за одбрана на земјите членки, а главниот фокус ќе биде справувањето со коронавирусот и адаптирањето и заедничките напори на одредени држави.

НАТО прави се, како што рече шефот на државата, оваа здравствена криза да не прерасне во безбедносна и ги следи сите препораки на Светската здравстевна организација (СЗО).

– Според последните заклучоци на министерскиот совет, НАТО дава поддршка во три насоки на своите земји членки и тоа комплетна логистичка и транспортна поддршка за транспорт на медицинска опрема, за што се вклучени најголемите карго авиони Ц-17. Во делот на логистиката обезбедува медицински персонал од една во друга земја членка. НАТО учествува со своите иновативни технологии во 3Д принтањето. Од пред неколку дена преку 3Д принтери започна производство на заштитни медицински маски кои имаат посебен систем за вентилација за Италија, порача Пендаровски.

Тој потсети дека НАТО во изминатите години и пред да се случи пандемијата обучи над 500 наши лица вработени во институциите кои сега се на располагање и работат, посочувајќи дека ЦУК е една од институциите кои имаат директен бенефит.

Пендаровски зборуваше и за кампањите за дезинформирање на јавноста, нагласувајќи дека Северна Македонија добива исклучителна информатичка поддршка од НАТО во делот на, како што рече, пробивање на вистината до крајните корисници и со тоа ги побива лажните вести кои имаат за цел да ја поткопаат довербата на нашите граѓани во институциите и во системот.

– НАТАО сега ни помага многу повеќе со размена на вистински информации, порача претседателот Пендаровски.