Патувачкиот театар бил голема атракција во скопските кафеани

Освен театарските претстави  во Народниот театар во Скопје, многу патувачки театри  прикажувале  претстави во некои скопски кафеани. 

Патувачките театри своите гостувања во кафеаните или бавчите ги организирале во летниот период кога Народниот театар не работел. Познат по своите гостувања бил театарот на М. Бановић,  кој привлекувал многубројна публика. Овој патувачки театар  освен шеги, лакрдии и лесни комедии, на својот репертоар имал и претстави со национален карактер. Биле изведувани претставите “Шокица”, “Два наредника” и др. 

Во 1931 год. познатиот македонски актер Петре Прличко станал управник на сопствената театарска група “Боем”. Освен почетници, во неговиот театар гостувале и познати актери како Добрица Милутиновиќ,  Нада Урбанова, Митуш Ваниќ, Жарко Котрашан и др.

Петре Прличко во 1939 год. дебитира во скопскиот театар со претставата “Карловата тетка” кога доживува потполн триумф.

Во 1932 год.  во Скопје, во бавчата на  кафеаната “Грађанска касина” гостувал театарот на Каламарас. Ваквите патувачки театри  во летниот  период претставувале забава за граѓаните, иако овие претстави немале уметнички квалитети. Активноста на ваквите театарски друштва  меѓу кои најмногубројни биле детските дружини,  укажувала на потребата од забава на широките народни маси.