Патник од Дубаи се проверува за коронавирус на Инфективна клиника

Патник што допатувал од Дубаи и кој има симптоми слични на грип е хоспитализиран на Инфективната клиника и за помалку од три часа ќе бидат готови резултатите дали се работи за коронавирус.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека патникот допатувал пред неколку дена во земјава по шестдневен престој во Дубаи.

– Има симптоми слични на грип. Направени се тестовите и за помалку од три часа ќе бидат готови резултатите. Се пристапува со целото внимание како за сомнителен случај заболен од коронавирус, рече Филипче.

Апелираше до сите кои доаѓаат од критичните региони да се придржуваат до препораките во упатството и доколку почувтвуваат некои од симптомите да не се шетаат низ здравствените установи, туку да се јават на телефоните за Институтот за јавно здравје.

Според Филипче, здравствениот систем е подготвен и оти располага со доволен број на кревети, маски, мантили и скафандери.

На Инфективна клиника синоќа беше хоспитализиран и патник кој вчера пристигнал од Милано во Скопје со попладневниот лет на „Визер“. Лицето е тестирано и нема коронавирус, потврдија од Министерството за здравство. Пациентот имал лесна клиничка слика, нема покачена телесна температура и неговата состојба е стабилна.

Патникот поминал низ термалната камера, која кај него не дијагностицирала симптоматологија на болест. Првите симптоми ги почувствувал по доаѓањето дома, по што се јавил на Инфективната клиника во Скопје и бил примен во 22:00 часот. Од неговото пристигнување на клиниката, пациентот е ставен во изолација, по што му се направени тестови согласно утврдениот протокол.

Од МЗ велат дека будно ја следат состојбата и во континуитет се постапува по препораките на Светската здравствена организација, а од денеска се применуваат и нови зајакнати мерки за превенција од корона вирус.