Парични казни за жители на Скопје, Свети Николе и Кавадарци кои не се самоизолирале

Парични казни за непочитување на здравствените прописи за време на епидемија ќе добијат еден жител на Скопје, три лица од Свети Николе и четири од Кавадарци. Сите се обвинети дека не се самоизолирале откако се вратиле од ризични земји.

Обвинетиот скопјанец, на возраст од 33 години, на 12 март се вратил во земјава по престој во Франција како високоризична земја за ширење на коронавирусот и потпишал изјава дека ќе се самоизолира во период од 14 дена. Сепак, на 21 март, при извршена проверка од страна на овластени полициски службеници, не бил затекнат во неговиот дом.

Основното јавно обвинителство Скопје на Судот му предложи на обвинетиот да му изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби со висина на дневна глоба од 20 евра во денарска противвредност.

Основното јавно обвинителство – Свети Николе до надлежниот основен суд поднесе предлог за издавање казнен налог против пет лица.

Тројца од обвинетите пристигнале во земјава од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот и согласно мерките биле должни во период од 14 дена да не го напуштаат престојувалиштето што го пријавиле како место каде ќе ја спроведат задолжителната самоизолација. Иако на граничните премини на кои оствариле влез во земјава потпишале изјави за самоизолација, ги напуштиле наведените адреси и оствариле контакт со други лица.

Две лица од Свети Николе, пак, на возраст од 19 и 21 година биле приведени ноќеска во 2:20 часот затоа што прекршиле полицискиот час. Тие во автомобил „сузики сфивт“ без регистерски таблички биле пресретнати од страна на полициски службеници.

Со своите дејствија сите обвинети го сториле кривичното дело што им се става на товар за што обвинителството побара судот да им изрече парична казна во висина од 98 дневни глоби, и тоа за еден од обвинетите во висина на една дневна глоба од 10 евра или вкупна вредност од 60.270,00 денари, а за останатите во висина од 20 евра за една дневна глоба или во вкупна вредност од по 120.540 денари.​

Што се однесува до случаите во Кавадарци, еден од обвинетите пристигнал во земјава на 17 март од Република Србија патувајќи од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот. При вршење на контрола од страна на полициските службеници, на 18 март, не бил затекнат дома.

Двајца од обвинетите пристигнале од Република Грција на 18 март, но и покрај обврската за самоизолација не биле затекнати во нивните домови на 19 март, кога надлежните служби извршиле контрола.

Четвртиот обвинет на 19 март на граничниот премин „Деве Баир“ пречекал лице кое се враќало од престој во Соединетите Американски Држави. Согласно Одлуката на домашните органи, обвинетиот потпишал изјава за самоизолација поради тоа што бил во контакт со лице кое дошло од земја со висок ризик од зараза. Но при извршена контрола не бил затекнат во домот каде требало да ја извршува должноста за самоизолација.

Обвинителството за четворицата побара изрекување парична казна во висина од по 2.000 евра во денарска противвредност.