Пациентка од Струга почина од Ковид-19, 22 нови случаи, вкупно заболени 241 лице

Утрово почина една пациентка на 66 годишна возраст од околината на Струга. Таа и нејзиниот сопруг се дијагностицирани позитивни на коронавирус во текот на вчерашниот ден. Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок.

Според епидемилошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар (13 Март) биле на гости во Дебар и имале контакт со еден од таму заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација.

Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден.

Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера, пациентката не е примена во болница.

Заради ова, Министерството најавува целосно ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст во овој случај.

Во текот на вчерашниот ден направено е тестрирање на персоналот на Клинката за кардиологија, сите тестови се негативни на Ковид-19.