Па тој и не е баш мој тип...

Ние жените имаме навика да се оптоваруваме со разни небулози. Самите на себе си наметнуваме сѐ и сешто. Да играме улоги кои некој друг ни ги поделил. Ние сме комплицирани. Иначе сме супер. Освен оние неколку денови во месецот. Пред, за време и после тоа. Не знам како е кај вас, но јас со моите пријателки, горе-доле, најчесто зборувам за мажи. И во текот на сите тие наши повеќегодишни приказни, се провлекува една постојана изрека за „мојот тип“ или „нивниот тип“. И со која и другарка да седнам на кафе, мојот тип и „нејзиниот“ тип секогаш се разликуваат. Наспроти тоа, секогаш сум се трудела објективно да погледнам што е толку посебно кај „нејзиниот тип“ и да сфатам зошто ѝ се допаѓа. 

Кога сакаме некого да отпишеме од „прва“, ние жените најчесто велиме: „Па тој и не е баш мој тип.“ А кој е тој тип? Многу често ги обвинуваме мажите дека се површнии, но и мене ми се случувало да отпишам некого само затоа што бил неколку сантиметри понизок од „мојот идеален тип“ или косата не му била доволно темна или имал премногу мускули или бил преслаб, а всушност не сум ни седнала да поразговарам со човекот. Виновна сум. И вие сте, го знам тоа.

Мислев дека мојот тип има супер тен и зелени очи. Дека е висок и онака доволно згоден за да не биде слаб, но сепак да биде слаб. Мислев дека мојот тип е забавен, духовит и има убави заби. И така еднаш го сретнав тој мој тип и не е дека не се обидовме, само некако излезе дека тој мој тип воопшто не беше мој тип. Подоцна мојот тип беше еден студент, па еден уметник. И ниту еден од нив не наликуваше еден на друг, но сите тие беа „баш мој тип“. За некои јас бев „нивен тип“, за некои не бев.

 И тогаш се појави тој! Кога првпат го здогледав, воопшто не беше мој тип. Висок, речиси русокос, слаб. Уште веднаш го отпишав. Дури не го ни забележував дека постои. Можеби и тоа беше точката на прекршување во нашиот однос. Почнавме да разговараме без никакви претензии. Тој бше паметен. Тоа беше првпат во мојот живот кога се мачев за да „доминирам“ во некој разговор. Првпат некој имаше волја да зборува повеќе од мене. Да се надмудрува со мене. Така самоуверено да ми ги побива сите аргументи и сѐ она што мислев дека го знаев. 

Да се разбереме, не е дека јас сум којзнае колку паметна, но обично машките не сакаат премногу да филозофираат со жени. Барем оние кои јас сум ги сретнала. Беше доволно нежен за да не биде патетичен и доволно пристоен за да не биде прелигав. Тоа беше првпат навистина да го видам она што некој човек го носи во себе и беше преубаво. Кога се бакнавме, првпат почувствував нешто толку пријатно и не почувствував никаква неудобност или чудно чувство. Не ми се вртеа глупави прашања низ глава. Постоевме само јас и тој и светот околу мене престана да постои. 

Во наредните години од нашата заљубеност, за мене не постоеше никаков друг тип, освен тој. Го обожававсекој дел од него и сѐ беше толку прекрасно што понекогаш си бев патетична самата на себе. Опкружувањето често ни превртуваше со очи на нашите излитени фрази. Но, нам не ни беше гајле. Ако тој мој „нетип“ кој еве со години го сакам, не беше доволно упорен и истраен, јас ќе ја пропуштев љубовта на мојот живот, само затоа што се убедив себеси дека мојот тип не треба да изгледа така. 

И овој мој тип секоја вечер со години ме бакнува во коса доколку заспијам пред него. Ми подарува Киндер јајце и чоколадото кое највеќе го сакам. Никогаш не заборава да ми подари новогодишно пакетче и мојот тип ме сака онака како што луѓето во книгите се сакаат. Мојот тип се грижи дали ми е доволно топло. Тој ме теши кога паничам и се труди да ме смири кога ќе збеснам. Тој се труди да ме насмее секој ден и не ми дава повод за солзи. Мојот тип е најдобар тип. Кога го нема подолго од три дена, јас заборавам како се дише. Неговата прегратка е како гориво кое ме движи. Тој е засолниште во кое ја пронаоѓам смислата на моето постоење. 

Понекогаш се караме. Само за да можеме да се смириме.

Ја сакам нашата љубов. Ја сакам, иако почна наопачки и со ништо не личеше дека ќе биде онаква филмска љубов. Наспроти тоа, нашата љубов стана најубав филм во кој сакам засекогаш да постојам,