Оваа сабота Скопје го слави денот на Боб Марли

Скопје, по 14-ти пат ќе го прославува денот на големиот музичар и пацифист Роберт Неста Марли, попознат едноставно како Боб Марли. 11 мај, односно денот на смртта на музичката легенда се слави како официјален ден на јамајканската традиција и култура. Во Скопје овој настан се организира од 2003-та година, во Градскиот парк.

Иако е всушност денес, организаторите го поместија одбележувањето на овој ден за сабота, со цел да присуствуваа што поголем број на луѓе.

Настанот ќе се одржи на познатата „Школка“ во Градскиот парк со почеток од 12 часот на пладне. Денот на Реге музиката и пораки за мир ќе пренесат голем број македонски музички изведувачи. Овогодинешното мото на собирот е „Една љубов, едно срце, свет без граници“. Организаторите на собирот апелираат до сите посетители да се погрижат за хигиената и да не оставаат отпад зад себе, да понесат со себе многу љубов и добра воља.

Изминатите години, настанот е масовно посетен и прераснува во традиција, ставајќи го Скопје на картата на светски градови почитувачи на традиционална, а сепак урбана музика и пацифизам.