Ова треба да го знаете за лековите против болки

Хроничната болка може да ви го поремети животот. Влијае врз физичката и врз психичката состојба. Може да влијае и на вашиот однос со колегите, децата и партнерот. Според извештаите на Медицинското училиште на Харвард најчеста причина за посета на лекар е барањето на лекови против болки. Ако и вас ве мачат болки, кои се најдобрите начини да ги спречите. Да почнеме со основите.

Не си поставувајте сами дијагноза

Проверете што точно ја предизвикува болката, затоа што лековите и терапиите се креирани на таков начин да се борат токму против конкретни видови на болести. Затоа не слегнувајте со рамениците и не си мислете: „Мора да е истегнат мускул“, затоа што исто така, болката може да биде предизвикана од оштетен нерв или може да биде нешто многу посериозно – напад на слепо црево или срцев удар. Лаура Ферис, докторка од Универзитетот во Питсбург предупредува: „одете на лекар ако болката се појави одненадеж и претходно не сте ја почувствувале. Таков вид на болка секако треба да се провери“’.

Не чекајте, побарајте помош

Ако почувствувате дека болката се засилува, побарајте лекарска помош. „Не дозволувајте болката да ескалира на седум на скалата за болка до 10. Колку побргу почнете да се лекувате, полесно ќе ја држите под контрола“, советува анестезиологот Една Ма.

Ако земате лекови против болки без рецепт

Добро проучете ги состојките и пазете да не ја пречекорите препорачаната доза затоа што ова може да има сериозни последици. Доктор Трејси Д.Бол предупредува: „Често се среќавав со случаи кога луѓето кои ги мачеле хронични и силни болки земале преголема доза лекови против болки. Тоа се случува и затоа што луѓето комбинираат повеќе лекови, па се зголемува и внесувањето на опасни состојки. Некои пациенти имаат и пониска толеранција на одредени состојки на лековите против болки, а тоа зависи од нивната возраст, тежината и историјата на болестите, односно, од тоа дали имаат проблеми со црниот дроб или со бубрезите.

Мешање на лекови

Ако мислите дека е добра идеја да земете лек од пријател, размислете повторно. Напрвин, да му се даде некому лек што оди само на рецепт, а не му е препишан нему, е всушност кршење на законот. Ендокринологот Џозеф Пинзоне од UCLA исто така предупредува : „Од голема важност е лековите што ги земате да не реагираат еден со друг, а особено внимавајте ако лековите ви ги препишуваат различни лекари.

Консултирајте се со специјалист кој се бави со контролирање на болка

На ова подрачје е направен голем напредок последните години, такашто има и лекари кои се специјализирале за контрола на болката. Ако болките не ви престануваат и почнуваат да ве прават нефункционални, консултирајте се со специјалист.

Побарајте емоционална поддршка

Контролирањето на болката може да биде стресно. Побарајте помош од психолог или психијатар кој ќе ви помогне да ги совладате вештините со кои ќе го намалите стресот што го предизвикува болката. Намалувањето на стресот ќе ја намали и болката. Во некои случаи можете да се обидете и со физикална терапија. Но тоа исто така би требало да го одреди лекарот.