Ова се 15. приоритетни проекти од програмата на Стојановски за општина Илинден

Градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски ги објави 15- те приоритетни проекти од неговата програма 2017-2021.

1) Подобрување на патната инфраструктура– изградба, реконструкција, санација и рехабилитација на локални улици и патишта;

Проектот има за цел изградба односно рехабилитација, асфалтирање на локални улици и патишта во должина од 40 километри во сите населени места, како и одржување, реконструкција и санација на постоечката патна инфраструктура која се протега на територија на Општина Илинден во должина од 275 километри.

2) Подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и локалните економски зони;

Со проектот се предвидува изградба на транспортна, комунална, енергетска и гасификациска инфраструктура во стопанските комплекси и локалните економски зони.

3) Изградба на фекална канализација со пречистителни станици; 

Проектот има за цел изградба на системи за зафаќање, третман и одведување на отпадните фекални води од домаќинствата и стопанските објекти во општина Илинден. Приоритет во изградбата на сегментите ќе се даде на места, области и локации кои подлежат на високи нивоа на подземни води. Главна цел е да се прочистат отпаните фекални води од домаќинствата и потоа да се пуштат во одводниот реципиент.

4) Изградба на детска градинка во Миладиновци, и згрижување на деца од најмалата група – воведување на „јасли“ во детската градинка „Гоце Делчев“; 

Со проектот е опфатено изградба на нова детска градинка со капацитет до 50 деца во населеното место Миладиновци со што ќе се овозможи ширење на мрежата на нови детски градинки. Исто така ќе се реализира згрижување на деца од најмалата група односно воведување на „јасли“ во општинската детска градинката „Гоце Делчев“.

5) Реконструкција и подобрување на училишта, обезбедување на просторни услови за одвивање на квалитетна настава, со воведување на целодневна настава; 

Со цел подобрување на условите во образовниот процес како и обезбедување на просторни услови за одвивање на квалитетна настава во основните и средното училиште ќе продолжиме со реконструкција на училишната инфраструктура. Со овој проект предвидуваме реконструкција на основните централни и подрачни училишта во општината  како и воведување на целодневна настава.

6) Реконструкција и доградба на амбулантата во населба Илинден;

Со Проектот е опфатено целосно реконструирање и доградба на амбулантата во населба Илинден со цел да прерасне во Здравствен Дом – Поликлиника, со што ќе се овозможи подобрување на условите за здравствена заштита на граѓаните, зголемување на бројот и видот на здравствени услуги за населението како и воведување на дежурства.

7) Чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали;

Со проектот е опфатено уредување, чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали кои се дел од хидро-мелиоративниот систем „Скопско поле” кој се протега на територија на пет општини: Илинден, Гази Баба, Арачиново, Петровец и Зелениково. 

8)  Изградба и подобрување на систем за зафаќање и одведување на атмосферскиводи; 

Проектот опфаќа изградба и подобрување на системот за зафаќање и одведување на атмосферските води, како и спречување на поплавување на куќите и имотите на граѓаните на општина Илинден.

9) Модернизирање и проширување на водоводниот систем;

Проектот има за цел модернизирање на системот за водоснабдување со цел обезбедување на стабилен и оптимален притисок на чиста, квалитетна и здрава вода за пиење.

10) Изградба на стадион со трибини во н. Илинден;

Стадионот ќе биде со стандардни димензии, опремен со рефлектори за ноќно играње, трибини и гардероби со тушеви за учесниците согласно стандарди, со цел овозможување на тренинг и одржување на натпревари од повисок ранг. Дополнително, стадионот ќе биде центар за развој на младински фудбалски школи од каде очекуваме да излезат многу нови таленти.

11) Изградба и поставување на спортски реквизити и скејт парк покрај пешачко–велосипедската патека Марино–Кадино; 

Проектот е во насока на збогатување на спортско- рекреативната содржина во општината. Со активностите ќе се реализира поставување на спортски и фитнес реквизити како и изградба на скејт парк долж патеката Марино-Кадино.

12) Изградба на пешачки патеки; 

Проектот обезбедува изградба на пешачки патеки во населените места во вкупна должина од 10 километри.

13) Урбанистичко планирање во функција на ЛЕР;

Со проектот е опфатено планирање на просторот за создавање на услови за влез на нови инвестиции преку проширување на постоечките локални економски зони како и оформување на нови градежни парцели на атрактивни локации во општина Илинден.

14) Воспоставување на гасификацски систем, воведување на гасификација настопанските објекти; 

Проектот има за цел изградба и поставување на гасификациска инфрастуктура за стопанските објекти во локалните економски зони и стопанските комплекси во општината, со цел да се овозможи користење на гасот како енергетски ресурс. 

15) Изградба на патна и комунална инфраструктура во новата населба „Јака“; 

Проектот има за цел изградба на патна инфраструктура, водовод и канализација во новата населба Јака.