Отворено 12. издание на Македонскиот филмски фестивал во Канадa

Во Carlton Cinemas во Торонто, Канада, министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски го отвори 12-тото издание на Македонскиот филмски фестивал.

Во своето обраќање, министерот Алаѓозовски истакна дека еден од главните приоритети на Владата на РМ е зацврстување на соработката и врските со иселениците и дека токму затоа е назначен Едмонд Адеми, како посебен министер за дијаспора.

„Зборувајќи за Македонскиот филмски фестивал, министерот Алаѓозовски потенцираше дека се работи за манифестација што е мошне значајна за промоција на македонската кинематографија пред македонската заедница и воопшто пред канадската публика, но и за промоција на македонската заедница во Канада и зацврстување на културните врски со Република Македонија. Тој истакна дека отсега Македонскиот филмски фестивал ќе има целосна поддршка од Министерството за култура и дека Министерството е заинтересирано да се унапреди форматот на фестивалот, на кој би гостувале истакнати продуценти, режисери, актери и филмски работници.“, стои во соопштението од Министерството за култура.

По проекцијата на филмот „Ослободување на Скопје“ на Раде и Данило Шербеџија, со кој се отвори Фестивалот, на прашања од публиката одговараше актерката Силвија Стојановска, која ја толкува улогата на Ленче. Свое обраќање пред публиката имаше и Горјан Тозија, директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија, кој исто така е еден од продуцентите на филмот. Тој ја истакна важноста на филмот за промоција на македонската кинематографија и ја потенцираше идната соработка на Агенцијата за филм со Македонскиот филмски фестивал во Торонто.

На отворањето на Македонскиот филмски фестивалот во Торонто беа присутни редица истакнати гости од македонската заедница во Канада, но и значајни личности од културниот и општествениот живот, меѓу кои и претставници на бордот на Телефилм Канада, како и г. Франк Карузо, продуцентот што ги рецензираше филмовите од годинешната селекција на Фестивалот, кој покажа интерес за соработка со македонските продуценти, откако и Канада стана членка на Еurimage.

Македонскиот филмски фестивал постои од мај 2006-тата година. Освен во Канада, тој досега се одржувал и во Лондон, Њујорк и Мелбурн, со цел да го промовира македонскиот филм на пошироката светска јавност.