Отворена библиотека и истражувачки центар во МСУ во Скопје

Во Музејот на современа уметност во Скопје денеска беа отворени библиотека и истражувачки центар. Библиотеката располага со фонд од 5.200 наслови, над 2.000 магазини, како и монографии на меѓународни и домашни автори и со тоа претставува најголема дата база за модерната и современа уметност во Република Македонија.

Библиотеката и истражувачкиот центар ги отворија министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, директорот на Музејот на современа уметност Лазе Трипков и Олга Костовска, претседателка на Надзорен одбор на Еуролинк осигурување. Музејската библиотека е донација на Еуролинк осигурување, која целосно ги покрила трошоците за внатрешното уредување и новиот инвентар.

Министерката Канческа-Милевска информира дека идејата за отворање истражувачки центар и библиотека е на директорот Трипков и го нагласи едукативниот карактер на проектот, за најмладите, за сите истражувачи и обучувачи кои работат во областа на современата и модерна уметност.

– Склучени се договори со училиштата и факултетите. Истражувачкиот центар ќе биде отворен за нив и сето она што го изучуваат ќе може и преку големата дата база со која располага МСУ да го надополнат, потенцира Канческа-Милевска. Изрази надеж дека во иднина ќе се зголемува библиотечниот фонд и оти ќе поттикне развивање истражувачка дејност.

Таа потсети дека со поддршка на Министерството за култура беше извршена реконструкција на просторот во МСУ, кој располага со богат фонд од преку 3.000 уметнички дела од домашни и странски автори.

Директорот на МСУ Трипков рече дека одлучиле сите публикации, монографии, книги и магазини кои ги имаат да ги стават на располагање.

– Овие книги кои се во голем број, преку 5.200, во МСУ долго време беа недостапни и библиотеката која претходно ја имал музејот од неговото формирање од одредени причини била затворена. Со поддршка на Министерството за култура одлучивме дека тоа е еден од најважните приоритети на институцијата, која покрај основната дејност – организирање изложби и манифестации за промоција на современата уметност, треба да понуди и соодветни публикации и да ги стави на располагање на студентите, критичарите и на луѓетото кои се заинтересирани, истакна Трипков.

Тој посочи дека МСУ располага со публикации во поголем број, кои се посветени на модерната и современата уметност за разлика од Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје. Најави дека голем дел од публикациите се дигитализирани и книгите ќе можат да се погледнат тука и ќе бидат поставени на веб-страницата каде секој што ќе се регистрира ќе може да ги преземе и да ги користи.

Претседателката на Надзорен одбор на Еуролинк осигурување Олга Костовска посочи дека одбележуваат 15 години од постоењето и ја истакна одлуката да го поддржат МСУ.

– Во изминатата година видовме нов бран, нова сила на професионалци во оваа област. Го препознавме тоа и решивме да го дадеме својот придонес во зачувување на македонското наследство, култура и богатство и да ги поттикнеме сите млади уметници да остават печат во времето во кое живееме, рече Костовска.

Трипков информира дека МСУ на 26 април го почнува циклусот „Заборавените“, посветен на заборавените македонски автори кои живеат надвор од Македонија, а државата, како што рече, претходните години не остварила доволни релации, а самите автори се посветиле на формирањето на ликовната сцена во државата каде живеат. Прв од тој циклус е нашиот уметник дизајнер Михајло Арсовски, кој живеел во Хрватска. Со тоа ќе биде отворено и новото одделение за архитектура и дизајн во МСУ.