Осмомартовскиот концерт на Филхармонијата под палката на Елена Митревска

Пригодно за 8 Март, концертот на Филхармонијата в четврток е насловен „Женски приказни“ и ќе настапат две дами – солист ќе биде руската пијанистка Олга Шепс, а оркестарот ќе го води младата диригентка Елена Митревска.

Во Скопје таа ќе дојде од Овиедо каде што од 2016 е ангажирана како хор-мајстор во операта во тој шпански град – пренесува МИА.

Митревска дипломирала на Одделот за музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2008 и продолжила во Виена на Универзитетот за музика и изведувачки уметности каде дипломирала – најпрвин хорско диригирање, а потоа и оркестарско диригирање заедно со престижниот Виенски камерен оркестар. За време на студиите активно работела како диригент на неколку хорови во Виена и го основала ансамблот „Глезум” со кој во 2013 ги изведува Чичестер псалмите од Леонард Бернштајн.

Македонското деби како диригент Елена Митревска го имаше во 2015 година со Камерниот оркестар на Музичка младина на „Охридско лето“ и на „Скопско лето“. В четврток таа ќе раководи со концертот на кој оркестарот на Македонската филхармонија ќе изведе две дела од Бетовен – Концерт за пијано и оркестар бр. 3 и Увертирата „Леонора“ бр. 3, како и „Арлезијанка“ – свити 1 и 2 од Жорж Бизе.